Во Скопје имало 322 земјотреса за еден месец – низ градот минува процеп, живееме ли во безбедни згради?

Од:

На 26 јули 1963 година во 5.17 часот Скопје бил погоден од разорен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала, кој траел 20 секунди.

По неколку минути се случил и вториот силен потрес. Според очевидците, токму овој втор потрес е виновен за големиот број жртви. Многу луѓе останале заробени во објектите по првиот удар, а по вториот се доурнале веќе разнишаните згради. Земјата се тресела уште долго.

Се смета дека неговиот епицентар бил околу Злокуќани. Се случил на длабочина помеѓу пет и седум километри и токму поради тоа што бил многу плиток, бил и многу разорен, со штети и жртви. Земјотресот се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар.

Во стравотниот потрес животот го загубија 1.070 луѓе, а над 4.000 беа повредени. Беа урнати 15.800 стана, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останаа без дом. Биле разурнати и многу индустриски капацитети.

Според информациите на 26 јули во Скопје се случиле 67 земјотреси, од кои многу биле со магнитуда над 5. На 27 јули имало 22 потреси, на 28 јули – 25 , исто толку и на 29 јули. На 30 јули почвата под Скопје се затресла 18 пати, наредниот ден 13 пати, а на 1 август имало 28 земјотреси.

До 26 август, за еден месец, во македонската метропола се случиле 322 земјотреса.

Колку сме безбедни сега – во какви објекти живееме?

Евентуален силен земјотрес во главниот град може да направи голем неред во централното градско подрачје во близина на Старата железничка станица, а со иста судбина би завршиле и населбите Карпош и Влае. Ова го тврди студијата на пензионираниот професор на Градежниот факултет, Апостол Поцески. Според неговите истражувања, главниот град главно лежи на нестабилна почва со големи разлики во длабочината на земјата, а тоа всушност претставува главен фактор што предизвикува несакани последици.

Како што е објаснето во студијата „Ефектот на почвата од скопскиот земјотрес во 1963 година“, испитувањата на земјата под главниот град покажале дека најголеми оштетувања тогаш имале објектите што биле изградени врз голем процеп длабок околу 200 метри, што се протега од населбата Кисела Вода до реката Лепенец.

– Процепот минува низ делот кај Чешма во Кисела Вода, па преку улицата пред Старата железничка станица продолжува до поранешниот плоштад „Слобода“ кај Домот на градежници. Потоа, преку улицата Ленинова продолжува на булеварот Партизански одреди, па кај полициската станица во Карпош, преку Влае завршува кај реката Лепенец – стои во студијата на Поцески.

Неизбежно е да се запрашаме во какви објекти живееме и дали сме безбедни. Михаил Гаревски, поранешен директор на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – Скопје (ИЗИИС) за А1он вели дека во Скопје се гради безбедно, посебно со строгите правила после разорниот земјотрес, но сепак вели и денес има згради „клацкалици“ кои и на прв поглед се гледа дека не би биле отпорни на силен земјотрес.

Гаревски претходно, во интервју за А1он детално говореше за тоа кои згради во Скопје се во поголем ризик. Ги спомена и објасни кои се тоа згради со меко приземје, таканаречените блок згради, зградите кои се постари во Скопје, а кои би можеле да се во поголем ризик од останатите.

Видеото може да го погледнете во продолжение.

Би можело да ве интересира

Земјотрес почувствуван утрово во Дојран

ВИДЕО: Снимки од силните земјотреси во Куба, паника насекаде

Предраг Петровиќ

Сеизмолошка опрерваторија: Регистриран земјотрес од 2.8 степени по Рихтер

Силен земјотрес го погоди југот на Италија

Силен земјотрес го погоди Чиле

Земјотрес почувствуван во Скопје и околината