Во општина Штип утре ќе се одржи јавна расправа за Планот за управување со животната средина за проект „Планински велосипедски рај“ подготвен од страна на Центарот за развој на источен плански регион, oпштина Кочани и oпштина Штип, информира денеска портпаролот на oпштината, Драган Ристов.
Целта на проектот е зајакнување на туристичкиот потенцијал преку создавање на услови за развој на авантуристички туризам и подобрување на можноста за развој на спортско рекреативниот и езерски туризам во источниот регион на Република Македонија.
– Планирани главни активности се, реконструкција и надградба на постоечките планинско велосипедски патеки на Осоговските планини, реконструкција на планинарскиот дом Пониква, надградба на јавниот простор за паркирање на туристичкиот локалитет Пониква и рехабилитација и изградба на патека од Штип кон археолошкиот локалитет Баргала, вели Ристов.
Тој истакна дека проектот учествува во грантова шема за финансирање на предлог проекти во рамките на „Проектот за локална и регионална конкурентност“ поддржан од страна на ЕУ, Светска Банка и Министерството за економија.
Општина Кочани се обврза да обезбеди кофинансирање во износ од близу 75.000 евра, што е 5,87 отсто од вкупната вредност на под-грантот кој изнесува 1.2 милиони евра додека oпштина Штип ќе учествува со околу 50.000 евра или 3.9 отсто од вкупната вредност на проектот.
– Проектот предвидува конструкција на велосипедски патеки во должина од 35 километри, од кои една патека од Штип до античкиот локалитет Баргала ќе биде со должина од 6,5 километри, рече Ристов.
Предвидено е и издавање водич за велосипедизам од 50 страници и во тираж од 5.000 примероци, потоа изготвување на апликација за мобилни телефони и развивање на дата база за велосипедски локации.