Претседатели и заменици на општинските изборни комисии од 11 општини од источниот регион денеска учествуваа на работилница на тема „Пристап и комуникација со лица со попреченост“.
Претседателката на Невладината организација „Инклузива“, Благица Димитровска вели дека препораките кои произлегле од истражувањата кои ги направиле во делот на искористувањето на правото на глас и вклученоста на лицата со попреченост во политичкиот живот покажуваат дека ги доставиле до ДИК, кој веднаш биле прифатени, за што и потпишале и меморандум за соработка.
– Нашето истражување покажа дека има големи проблеми во текот на изборниот ден од причини што луѓето кои се на избирачките места, задолжени за организирање на изборите не ги знаат вештините за комуникација со оваа категорија на граѓани и затоа не можат да им пружат поддршка да гласаат на местото на гласање, вели Димитровска.
Претседателите и нивните заменици на Општинските изборни комисии од 11-те општини од источниот регион денеска ги учеа и основните вештини за комуникација со лицата со попреченост. Неда Гацова од Државната изборна комисија истакна дека вакви обуки поминале и вработените во ДИК, а согласно потпишаниот меморандум се организираат 10 регионални работилници. Таа вели дека на претходните Локални избори, ДИК изработи шаблон за гласање на слабовидните и слепите лица, кои го знаат Браевото писмо, за да можат да гласаат, а исто така и паравани за гласање, кои се дистрибуирани до сите избирачки места. Во текот на наредниот период ќе работат на обуки, со цел лицата со попреченост да немаат проблеми при комуникацијата на гласачките места. Последните истражувања покажаа и дека голем дел од избирачките места се недостапни за лицата со физичка попреченост, односно нема рампи, лифтови во државните институции, градинките и училиштата, каде што граѓаните гласаат на овие места на денот на изборите.