Штипскиот Правен факултет трета година по ред е домаќин на Денови на симулирано судење. Над 50 студенти од петте Правни факултети во земјава денеска ќе почнат со натреварите. Вонредниот професор на Правниот факултет на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Лазар Нанев, кој воедно е и судија вели дека во текот на годината ќе имаат три настани и оти во декември традиционално се одржува финалето во натреварот Денови на симулирано судење.
– Во финалето очекуваме врз основа на стекнатите знаења, студентите да ги покажат своите најдобри можности. Денска ќе имаме можност и би сакал да потенцирам дека за разлика од претходните години овој проект е помогнат од Амбасадата на САД во Македонија, вели Нанев.
Прашан дали при реформите во судството ќе се дозволи потворно да се меша извршната власт, Нанев вели дека државата сериозно гради концепт на општество за сите, на судската власт и е потребно да се гради концепт судство за сите.
– Судство, кое ќе биде подеднакво и пристапот до правдата да биде еднаков за сите граѓани, без оглед на нивната етничка, социјална, верска, културна, општествена и било каква положба. Меѓутоа и судство, кое ќе овозможи да го гарантира правниот статус, односно правата на судиите. Судиите во Македонија дефинитивно мора да сфатат самите и да ја побараат својата слобода, да ја побараат својата независност преку креирање сопствен личен интегритет, бидејќи никој нема да ја обезбеди независноста, интегритетот и владеењето на правото, ако тоа не го направат самите судии, рече Нанев.
Тој истакна дека судиите не треба да очекуваат некој внатре или однадвор да им го обезбеди владеење на правото, туку самите треба да се изборат и да се стави црвена линија меѓу нив и извршната власт.
– Извршната власт секогаш и во секоја земја се обидува на било кој начин да има одредени влијанија, заради сопствените интереси и ние особено тоа го чувствуваме во Македонија. Секогаш, кога се случуваат одредени кризи во делот на општественото владеење, многу лесно е да се префрли вината на судството и тоа да се јави како еден генератор, би рекол на таквата состојба, а што создава една погрешна слика во делот на целокупното општество, рече Нанев.
Тој смета дека во судската фела потребен е еден висок степен на лидерство, кој недостасува, а е и клучната алка за да го поведе судството напред во делот на барањето на правата и ослободување на стегите од извршната власт.