Во Штип почна постапката за референдумско изјаснување за Стратегијата за бегалци

Од:

Советот на општина Штип денеска со 13 гласа „за“ изгласа да почне постапката за распишување на референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година.

Граѓанската иницијатива „Будење“ од Штип до Советот на општината има приложено 356 потписи од граѓани кои ја поддржуваат иницијативата за референдумско изјаснување и се против новата Стратегија за бегалци и странци.

Претседателот на Советот на општината, Влатко Миташев информираше дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласале да се поддржи инцијативата која предлага Советот на општината самоиницијативно да распише референдум за тоа дали ќе ја прифати или не Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година.

– Се работи за еден од начините за распишување на референдум. Еден од начините е на предлог на советник, може и на еден граѓанин или на предлог на градоначалникот, да му се предложи на Советот сам да поднесе иницијатива за распишување на референдум, вели Миташев.

Денешната одлука треба да излезе во Службен гласник на општина Штип на почетокот на септември, а на следната седница во септември советниците во Советот ќе гласаат за распишување на референдумот.

Советничката група на СДСМ ја напушти седницата кога се гласаше за точката на граѓанската иницијатива. Координаторот на советничката група Јане Миланов најави дека ќе поднесат кривична пријава против граѓанската иницијатива.

– Ќе поднесеме кривична пријава против подносителот на оваа граѓанска иницијатива, имајќи во предвид дека во овие собрани потписи фигурира и матичниот број на лицата, кој што според Законот за лични податоци е податок од највисок приоритет, а исто така на списокот има потписи и на малолетни лица, истакна Миланов.

Според советниците од ВМРО-ДПМНЕ, со новата Стратегија за бегалци во општина Штип ќе треба да се згрижат околу 5.000 мигранти. Советниците на СДСМ пак велат дека станува збор за стратегија којашто претставува континуитет на ист ваков стратешки документ донесен во 2008 година од страна на минатата Влада. Според нив, стратегијата само дава препораки, а во моментот на територија на Република Македонија азил имаат стекнато вкупно 10 лица, од кои пет се со признаен статус на бегалци.

Би можело да ве интересира

Продолжен притворот за родителот, кој физички нападна двајца малолетни фудбалери на штипскиот стадион Бело Брдо

Во штипско Ново Село одбележани 101 година од убиството на Тодор Александров

Костова со осуда на инцидентот во Штип: Бебзедноста крахира, Тошковски да си даде оставка!

Уапсени тројца штипјани, криеле автоматски пушки и муниција

Горан Наумовски

65-годишна штипјанка со нож го ранила шест години постариот сопруг

Горан Наумовски

54-годишен штипјанец со нож си ја убил мајката

Горан Наумовски