„Современо воспитание и образование, состојби, предизвици и перспективи“ е темата на шестата Меѓународна научна конференција, која во наредните два дена ја реализира Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. Деканката на Факултетот за образовни науки при УГД-Штип, Соња Петревска истакна дека на оваа научна конференција ќе се презентираат 53 научни трудови и истражувања во сферата на образованието. На конференцијата учествуваат и универзитетски професори од Педагошкиот факултет „Хеофит Рилски“ од Благоевград, Република Бугарија и Педагошкиот факултет при Приморскиот универзитет од Копер, Република Словенија.
– Научните трудови третираат интересни прашања од сферата на образованието, посебно проблеми поврзани со променетите улоги на наставниците, интервенциите во програмите за основно и средно образование, има и трудови кои третираат од областа на мултикултиризмот, прашања поврзани со инклузивното образование, вели Петревска.
Универзитетскиот професор Тонча Јухиќ од сплитскиот универзитет вели дека во Македонија се за да ги видат искуствата во делот на педагогијата и спортот, а кои што според неа се и позитивни.
– Она што пробуваме да го направиме е педагогијата да не се користи само во нашите градинки и училишта, туку и да се користи во спортските клубови, имаме една занимлива соработка со фудбалскиот клуб „Хајдук“ од Сплит, каде што педагошки работиме со децата. Тоа е она што ние сакаме да го споделиме овде, вели Јухиќ.
Таа забележува дека истражувањата и податоците од државните институции покажуваат дека и во Хрватска децата не се доволно физички активни.
Универзитетскиот професор Трајан Поп Кочев од Универзитетот „Неофит Рилски“ забележува дека предизвик и за научната фела, но и за наставниците и како технологијата и низата промени да се вклопат и да одговараат на потребите на учениците.
– Ние сите живееме во многу динамично време, во така наречено постмодерно време и сме исправени пред предизвикот на промените кои ги претекнуваат нашите мислења. Правата задача е како тоа да го предаваме на нашите студенти, треба и да се сретнуваме со нашите колеги кои работат во училиштата и градинките за да може подобро да ги запознаеме децата и да помагаме во нивното развивање и воспитание, вели Поп Кочев.
Во наредните два дена ќе се презентираат истражувања и научни трудови во делот образованието и воспитанието, кои ќе им помогне на научната фела, но и на наставниците и воспитувачите.