Општина Штип денеска го промовираше телото за заштита од дискриминација, во кое учествуваат претставници од локалната власт, заменик народниот правобранител во Штип, потоа од Министерството за правда од Канцеларијата за бесплатна правна помош и претставници од четири невладини организации од Штип.
Снежана Санева вработена во Општина Штип на денешната прес-конференција истакна дека дискриминација по различни основи ни се случува секојдневно, понекогаш се препознава како таква, но често пати се доживува и како нешто вообичаено. Со цел да се идентификува, пријави и санкционира било каков облик на дискриминација е формирано телото за заштита од дискриминација.
– Најзастапени облици на дискриминација се говорот на омраза, директната дискриминација, вознимирувањето и виктимизацијата. Сведоци сме дека говорот на омраза е се почесто присутен во нашето секојдневие, а со него се девавлира човековото достоинство, се креираат предрасуди, етикетирање кои пак од друга страна водат кон дискриминација на жртвите. Директната пак дискриминација преставува и нееднакво и неоправдано постапување кон одредена личност до тие граници што се загрозуваат или се ограничуваат основните човекови права, вели Санева.
На прес-конференцијата на која беше промовирано новото тело за дискриминација на Општина Штип беше потенцирано дека во источниот регион на годишно ниво се регистрираат околу шеесеттина случаи на дискриминација.
Заменик народниот правобранител во Штип, Елена Ѓорѓоновска-Маневска истакна дека во Штип минатата година за 20 отсто се зголемени бројот на преставките кои ги добиваат од граѓаните, а нејчесто се пријавува дискриминација по однос на припаднос на етничката заедница.
– Во изминатите две до три години најчест беше примерот пријавуван за ограничување на правото на движење и најчесто беа пријавувани како претставки за ограничување на движење односно на задржување на самиот граничен премин Делчево, кој што потпаѓа под надлежност на подрачната канцеларија во Штип. По спроведената истрага се констатира дека се работи за дискриминација врз основа на припадност на етничка заедница, вели Ѓорѓоновска-Маневска.
Канцеларијата на народниот правобранител останува отворена за пријавување на секаков вид дискриминација, но со координативното тело за заштита од дискриминација на граѓаните им се олеснува пристапот кон надлежните институции, им се нуди бесплатна правна и друг вид на стручна помош. Бројот на судски пресуди по основ на тужби за дискриминација во државата е мал, а формирањето на ова мултисекторско општинско тело во Штип е со цел да се охрабрат граѓаните да се борат против секаква појава на дискриминација.