Во Прилеп промовирана програмата на ЕУ и УНДП за заштита на 17 природни локации

Од:

Европската унија ќе финансира 17 проекти во Македонија со вкупно четири милиони евра во рамките на двегодишниот проект „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, меѓу кои е и проектот за Марковите кули и нивната заштита и дејствување. Проектот ќе го спроведува УНДП во парнерство со македонското Министерство за заштита на животната средина.

Ова беше истакнато на денешната промоција на програмата во Прилеп на која присуствуваа амбасадорот на Европската унија Самуел Жбогар, претставникот на УНДП Лујза Винтон и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, токму пред Марковите кули кај најистакната камена фигура, дело и уметност на природата – „Слонот“.

Прилепскиот градоачалник Јованоски објасни дека проектот опфаќа повеќе аспекти и е финансирано со 100.000 евра.

– Комплексот „Маркови кули“ според геоморфолошката разновидност на карпите е дело на природата, заштитено со закон. Денес во комплексот се одвиваат повеќе спортски и туристички активности: трки, болдеринг, параглајдерство. Но комплексот е изложен на неконтролирана експлоатација и деградација, вклучувајќи депонирање отпад, изградба на нелегални објекти. Со проектот ќе воведе систем на мониторинг, инфраструктурни зафати, подобрување на пристапноста за посетителите и туристите и нивно информирање за значењето на комплексот. Ќе се воспостави соработка со Институтот за старословенска култура и јавните претпријатија ќе се подготват бази на податоци за комплексот, видео-мониторинг систем, ќе се собира отпадот, ќе има патокази, информативни табли, патеки, брошури, видиковци, се што ќе ги подобрат пристапот и свеста на посетителите и локалното население, рече Јованоски.

Според амбасдорот Самуел Жбогар овој проект е дел од вкупно 17-те одобрени во програмата што сега се промовира која е трета по ред во земјава.

– Европската унија работи многу за заштита на животната средина. Многу е битно зачувувањето на баланост на планетата, за зачувување на природните реткости. Затоа со задоволство се прифатени 17 проекти на ниво на Македонија. Европската унија веќе има доделено 6 милиони евра за заштита на животната средина и финансиската помош продолжува. На државните власти Унијата им даде поддршка во таканаречената мрежа „Натура 2000“ за идентификација на локации на загрозени видови, растенија и животни. Во тек е „Твининг проект“ за усогласување на националната легислатива со директивите на ЕУ во заштитата на природата. Овој проект со 17-те грантови што денеска го започнуваме е трет по ред. Охрабрени сме од покажаниот интерес зашто имаше 79 апликации, рече Жбогар.

Програмата ќе ја спроведува УНДП во соработка со македонското министерство за животна средина. За Лујза Винтон, претставник на УНДП, Марковите кули е вистинската локација да се промовира програмата.

– УНДП во соработка со општинските власти и граѓанските организации наредните две години ќе ги реализира сите 17 проекти низ целата земја, се со цел да се подобри заштитата на самите заштитени места и да обезбедиме дека локалното население ќе има добробит од тоа. Секој од 17 грантови е од 50. 000 до 100.000 евра финансиран. Најавувам дека ќе бидат доделени и осум поголеми грантови за власите кои ќе менаџираат со други поголеми подрачја. Секој грант е во висина од 400.000 евра и се наменети за националните паркови: Галичица, Пелистер, Маврово, за трите езера – Охридското, Преспанското, Дојранското Езеро, за паркот „Јасен“ и кањонот „Матка“. Секој грант е врз истата филозофија: има многу заштитени локации во земјата, дури 86 насто, но проблемот е дека тие локации се заштитени само во теоријата, а не и во практиката. Сакаме да го промениме и начинот на размислувањето на локалното население, кое мисли дека заштитено значи оградено со ограда, а да нема пристап. Напротив, заштитата на природата и објектите значи соработка со населението, за да може да се развива туризмот, спортовите и да не се уништува природата. Ако ЕУ верува во заштитата на средината, ние како ОН веруваме и во одржливиот развој на природата. Со нетрпение ја очекуваме реализацијата на сите овие, вкупно 25 проекти, рече Витон.

Марковите кули како комплекс на природните реткости се простира на неколку хектари и се под привремената заштита на УНЕСКО.

Би можело да ве интересира

Петмесечно бебе со голема кашлица хоспитализирано во Прилеп

Вандали уништиле мермерни плочки околу спомениците – Урни во Могилата на непобедените во Прилеп

Четири работнички од Непал му избегале на газдата во Прилеп, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

Во прекин сообраќајот на патот Прилеп – Градско поради сообраќајка

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Жена од Прилеп се заканувала дека ќе запали кафеана

Горан Наумовски