Во Прилеп почна одбележувањето на 17-годишнината од Карпалак

Од:

Со положување свежи цвеќиња пред споменикот во прилепската касарна „Мирче Ацев“ започнаа чествувањата по повод 17 години од загинувањето на 10-те бранители од Прилеп во месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово кога на 8 август 2001 во заседа беше пресретнат конвојот на АРМ. Пред споменикот во касарната се поклонија членовите на семејствата на загинатите, соборците, претставници на АРМ, на локалната самоуправа, на здруженија, партии и граѓани.

Оддавајќи им почит на загинатите бранители-воени резервисти од прилепската касарна, потполковник Славчо Кузманоски, заменик-командант на гарнизонот, рече дека кога недобронамерниците посегнаа по ова парче земја, прилепчани застанаа во одбрана на интегритетот и суверенитетот на Република Македонија. Никогаш нема да се заборават, ќе потсетуваат на родољубието и на тоа никогаш да не се повтори.

– Нашите војници Нане, Сашо, Веби, Бранко, Горан, Ердован, Дарко, Љубе, Пецо и Марко, припадници на резервниот состав на единицата, како лојални и чесни граѓани, ја исполнија својата света должност положувајќи ги своите животи на браникот на татковината. Тагата и болката остануваат особено кај најблиските, но останува и гордоста што беа дел од нашата единица. Ние не потклекнуваме. Трагизмот на настаните ќе го преточуваме во спомените и на страниците на историјата, која на поколенијата ќе им ги пренесува сликите на настаните, но и доблестите и родољубието на чуварите и бранителите на сопствените огништа, на мирниот сон на нашите најмлади и на достоинствените вредности на човекот. Нека ваквите чествувања не обединат и сплотат, без разлика на припадноста по која било основа. Останува обврската, наша, и на идните поколенија и генерации споменот да го чуваме, да го негуваме, да се сеќаваме на 2001-та година и да не дозволиме да се повтори, истакна потполковник Кузманоски.

Присутните на чествувањето ја посетија спомен-собата во касарната на Петтата прилепска народноослободителна бригада каде се и спомените на загинатите бранители. Макјата на загинатиот Пецо Секулоски вели дека тагата останува вечно.

– Секој ден е потсетник дека го нема, празнината е голема, болката и тагата остануваат со нас до крајот. Само велам – никогаш ова повеќе да не се случи, вели Секулоска.

Возачот на изгорениот автобус во кој беа прилепските бранители, Ацо Јованоски-Реган по којзнае кој пат го повторува најбитното, како што вели, барање.

– Барањата секогаш се многу. Но, најбитно е да се подигне споменик на месноста Карпалак. Тоа се уште не е направено, рече Јованоски.

Стојанче Ангелов, национален координатор на македонските бранители во Владата, вели дека во 2001-та се донесе закон кој ги ослободи од здравствено осигурување воените инвалиди од конфликтот. Но, иако здружението „Достоинство 2008-та предложи закон тоа да важи за сите бранители, тогашната влада не го донесе.

– Тоа остана како отворено прашање. Се надеваме дека со заложбите на премиерот ќе се направат напори, но треба да се има предвид дека сега дистанцата е 17 години. Нашите загинати бранители никогаш нема да бидат заборавен, како залог за иднината и никогаш да не се повтори, рече Ангелов.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски се заложи да им се помогне на семејствата.

– Имав средба со семејствата на загинатите бранители и мојата заложба е да им се помогне во рамките на нашите можности и тоа ќе го направиме, рече Јованоски.

Свежи цвеќиња вечерва беа положени на споменикот во прилепското село Лениште, а во манастирот „Света Петка“ во селото се одржа вечерна богослужба.

Утре изутрина, најблиските на загинатите бранители и бројни делегации ќе ги посетат нивните вечни почивалишта во Прилеп и во населените места, а делегации ќе заминат на чествување во месноста Карпалак на патоот Скопје-Тетово.

Централното чествување е утре од 13 часот во центарот на Прилеп, пред споменикот „Карпалак“.

Би можело да ве интересира

Дисциплинска казна за здравствените работници кои учествувале во лекувањето починатите новороденчиња

Горан Наумовски

Детето кое падна од прозорец е одличен и дисциплиниран ученик, тврди директорката на училиштето во Прилеп

А1он

11-годишник тешко повреден откако падна од трет кат во училиште во Прилеп

Катерина Ѓуровски

Вонреден инспекциски надзор во прилепската болница по смртта на новороденчињата близначиња

Катерина Ѓуровски

Пуштена во употреба делницата Градско – Дреново, дел од експресниот пат Градско – Фариш

Катерина Ѓуровски

Талески: Експресниот пат Градско – Дреново над 92% е реализиран од СДСМ