Прилеп синоќа ги почна централните чествувања по повод 11 Октомври и 75-годишнината од почетокот на Народноито востание. По тој повод традиционално беше изведен импровизираниот напад на градот со богат огномет, како потсетување на настаните на 11 октомври 1941 година кога со нападот на тогашната полициска станица – Участакот од групите на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ беше означен почетокот на Востанието и четиригодишната Револуција.
На камената бина на плоштадот „Александрија“, празникот на прилепчани и на сите жители на Македонија им го честиташе градоначалникот Марјан Ристески нагласувајќи дека во предвечерјето на празникот гордо и со длабока почит се сеќаваме на сите борци кои учествуваа во големата борба за слободна на Македонија и кои своето утре го дадода за ние да го живееме нашето денес.Прилеп градоначалник
– Градот- првоборец и херој Прилеп им се оддолжува на сите оние кои несебично го дадоа својот живот, а особено на оние кои во далечната 1941 година, токму од Прилеп, ја започнаа вооружената борба против фашистичкиот окупатор. Затоа, мора заемно да се почитуваме, но мораме да направиме и другите да не почитуваат. Да го почитуваат нашето право како Македонци, да ги почитуваат суверенитетот и интегритетот на Република Македонија, рече Ристески, уверувајќи дека продолжува процесот на развојот на градот.
На камената бина на плоштадот „Александрија“ настапија прилепскиот детски хор „Мали Ангели“ и воениот оркестар на АРМ.
По повод празникот, синоќа во ликовната галерија од домот на културата „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата на уметникот Васил Василев, а во големата сала од домот, целовечерен концерт одржа ансамблот „Танец“.Прилеп 11 октомври
Денеска, од 9.30 часот делегации на локалната самоуправа, на Сојузот на борците, на политички партии и граѓаните ќе положат свежи цвеќиња и ќе им оддадат почит на борците и хероите кои загинаа во НОБ и четиригодишната револуција. Делегациите ќе се поклонат на Могилата на непобедените, во Паркот на Револуцијата, каде се моштите на 650-те борци што ги дал Прилеп, пред бистите на народните херои во Алејата на хероите. Почит ќе им биде оддадена и на првиот председател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто и на идеологот на Револуцијата Кузман Јосифоски Питу пред нивните споменици во центарот на Прилеп.
Во чест на празникот, на булеварот „Гоце Делчев“ ќе се одржи изложба на оружје и воена опрема на АРМ. Изложбата ја организираат Министерството за одбрана и АРМ. На булеварот, ако дозволи времето, ќе се одржи и изложба на автомобили и олд-тајмери, пред Градскиот сат е изложбата на ракотворби „Килимијата“, а низ улиците на градот ќе биде и трката со стари велосипеди.