Повеќе од 200 експерти, лекари-специјалисти, професори по медицина и гости од дваесет држави од целиот свет учествуваат на Третиот по ред Балкански и меѓународен конгрес за мaксилофацијалната хирургија и сродни медицински дисциплини што се одржува во Охрид.
Станува збор за поширок меѓународен научен симпозиум со учество на најеминентни предавачи од реномирани американски, европски и балкански центри каде има развиена максилофацијална хирургија.
Како што појасни Владимир Поповски, претседател на Македонската асоцијација за краниломаксилофацијална хирургија, на собирот во Охрид ќе има претставници од пластична хирургија, тораковаскуларна хирургија, оториноларионгологија.
– Сето тоа ќе создаде заедништво, што впрочем е и мотото на овој конгрес, а тоа е да создадеме зајакнување на поврзаноста на експертите и практиките од сите сродни хируршки гранки, нагласи Поповски.
Кога станува збор за состојбите во Република Македонија по односната тематика, Поповски истакна дека здравството е отидено многу напред, токму во оваа специјалност, како единствен спој на стоматологијата и хирургијата.
– Хируршки веќе сме присутни во сите простори на поширокиот Балкан, имаме пациенти од надвор од Републиката, ги спроведуваме сите најсовремени методи од областа, а наскоро се надеваме дека ќе ги надополниме и техничките потреби за апарати и опрема што се нудат во областа на хирургијата и медицинската технологија, рече Поповски.
За подготвеноста на медицинскиот кадар, тој потсети дека македонски професори веќе вообичаено како редовна практика, се предавачи на слични конгреси и научни симпозиуми, што е потврда за нивната обученост.
– Најважниот дел е континуирана медицинска едукација што е во рамки на планираното, и на универзитетите и на здруженијата, како значаен дел во развивањето на секој медицински, не само хируршки кадар. Тоа е потреба повеќе, од причина што хирургијата денес има значаен замав, со нови методи, технологии, а сето тоа треба да се вклопи во секојдневната пракса, доколку сакаме да бидеме успешни и конкурентни, нагласи Поповски.
На учесниците на конгресот преку видео-порака им се обрати и Анри Тоу, генералниот секретар на Европската асоцијација за краниломаксилофацијална хирургија, кој изрази увереност дека собирот во Охрид ќе биде особено успешен, како што рече, имајќи ги предвид решителноста и професионалноста на асоцијациите во промоцијатата на најдоброто и во областа на образованието и во секојдневното практицирање во здравствена заштита, независно светските економски неприлики и постојаните намалувања на уделот во буџетите за здравствената заштита.
– Хирургијата останува да биде уметност, но истата мора да е поддржана од науката, а науката бара меѓународна соработка и размена на искуства. Охрид деновиве е местото каде секој лекар од областа на краниломаксилофацијална хирургија би требало да биде, порача Тоу.
За трите дена на конгресот во Охрид ќе бидат огранизирани бројни предавања за тековните концепти и новите техники во областа, а се предвидени повеќе научни сесии на кои учесниците ќе се осврнат на значајни аспекти од секојдневната работа и техниките во конвенционалните хируршки интервенции како третман на трауми, воспалителни процеси, хируршката патологија на плунковите жлезди, имплант-хирургијата, хируршки зафати на деформитети и пукнатини на лицето, третман на орални тумори, естетски реконструкции и слично.