Во Неготино црвен аларм за коронавирусот, само двајца доктори лекуваат педесетина болни

Од:

Само еден интернист и доктор по општа пракса во моментов ги лекуваат болните од Ковид-19 во Неготино, општина која што во последниов период секојдневно се соочува со се поголем број заразени од коронавирусот. Ситуацијата во општината е алармантна, здравствениот персонал работи деноноќно, почнувајќи од дневната ковид болница, до правење крвни анализи, рентген снимки, давање инфузии и терапија на заболените, а на крајот од денот се вршат и тестирања.

Дополнително на сето ова, двајца доктори, еден рентген техничар и една медицинска се во изолација и се суспектни на Ковид-19.

Само вчера, во Неготино имаше нови 54 случаи на Ковид-19, а активни случаи на коронавирусот се 350, заедно со Демир Капија.

„Притисокот врз здравствениот систем е огромен, дел од персоналот ни е во изолација. Сите помагаме колку што можеме и цела среќа што имаме вреден персонал, работат деноноќно, нема некој што одбил работа, но сепак тешко се постигнува“, вели за „А1он“ директорката на Здравствениот дом во Неготино, Билјана Филипова.

Општината кубури со здравствен персонал – само четворица вработени во Брзата помош го опслужува градот со 18 илјади жители. Од овие четворица, само еден е вработен во итната медицинска помош, додека останатите се специјализанти.

Дневно се прават по 80 рентген снимки, а во ковид-центарот дневно доаѓаат по педесетина лица, и тоа наутро и попладне.

„Потешките случаи ги праќаме во болницата во Кавадарци и таму моментално се лекуваат 16 луѓе. Со британскиот сој на коронавирусот забележуваме дека се заразуваат се повеќе млади лица, клиничката слика е потешка и лекувањето трае подолго“, изјави Филипова.

Таа вели дека почнувајќи од 14 февруари, настанал напливот на пациенти заразени со коронавирусот.

„Не знам што се случи, но тогаш состојбата почна да ескалира. Факт е дека локалната самоуправа прави се што е во нејзина моќ, но исто така е факт дека мерките не се почитуваа во целост. Имаше многу групирања, младите се собираа по дома, во кафулиња… Денеска гледам дека веќе се празнат кафулињата, но ќе треба подолг период за да се извлечеме од оваа ситуација. На последните тестирања, 80 отсто од тестираните беа позитивни на коронавирусот, а тоа е алармантно“, додава Филипова.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека засега не се предвидуваат засилени рестриктивни мерки во Неготино и во Кавадарци, како на пример ограничување на движењето.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Починато бебе донесено во неготинската болница, телото на обдукција

Апсења во неколку градови низ Македонија: Предистрага „Синџир“ за дела против јавните финансии

Александар Тодески

Полицијата со детали за сообраќајката во која загина 77-годишен пензионер од Неготино

Изгасени пожарите кај Неготино и Демир Капија – гасеа и авион на ДЗС и хеликоптер на МВР

А1он

Семејно насилство: Со нож и се заканувал на сопругата и на нејзиниот татко