Во монтажната болница што се наоѓа до Инфективната клиника до среда или четврток треба да биде поставен системот за кислородна поддршка, донација од компанијата која го обезбедува со кислород целиот клинички центар, најави министерот за здравство Венко Филипче.
-Бидејќи сега е празна болницата, односно можеше да се испразни и да се префрлат пациентите на клиниката, ја искористивме можноста за да се инсталира овој систем. Некаде до среда или четврток очекуваме се да биде подготвено. Компанијата која го снабдува со кислород целиот клинички центар изрази иницијатива да го донира системот за кислородна поддршка заради тоа што постапка за набавка ќе одземеше сигурно одредено време. Тие кажаа дека за три до четири дена системот ќе биде поставен и ќе може да се користи. Системот со боци добро функционира, но овој е многу попрактичен, рече Филипче.
Тој додаде дека кислородната поддршка е потребна не само за пациенти со потешка клиничка слика, туку и за оние со полесна ако има индиции кои укажуваат на тоа.
-И тоа што е полесна клиничка слика не значи дека не е потребна кислородна поддршка. Има различни индикации, врзување на крвта со кислород, капацитетот да се пренесе до периферните ткива и тоа е индикација дали треба или не треба кислород, потенцира министерот за здравство.
Вели дека засега добро го менаџираат персоналот за да одговори на потребите, но и да може да се одмори.
-Сите инфектолози се ангажирани. На Клиниката за инфективни болести има 26 инфектолози. Многу мал број лекари изминатиот период покажуваа интерес за оваа специјалност. Шест, односно седум од нив, веќе се над шеесетгодишна возраст и имаат и хроночни заболувања и дел од нив воопшто не одат на дежурства. Огромен предизвик е бројот на персоналот и начинот на кој ротираат и им помагаат на своите колеги. Инфектолозите се во нивните матични одделенија на Клиника, во 8 Септември, и тука во Козле по потреба, на повик, а ротираат специјалисти, анестезиолози и специјалисти по интерна медицина кои имаат најмногу познавања од оваа патологија, рече Филипче.
Тој додаде дека дел од лекарите интензивно работат, затоа, како што појасни, ги надополнуваме со систем на ротација да земат малку одмор, две или три недели, но оти во секое сценарио обезбедуваат дополнителна бројка кадар.