Средбата меѓу претставници на раководството на СОНК и на Министерството за образование и наука, заврши. Отворени се сите прашања што СОНК ги побара. Одлуката дали ќе се одржи за утре најавениот штрајк во училиштата и градинките треба да ја донесе попладнево Советот на СОНК.
– Задоволни сме од состанокот, ги отворивме сите прашања што ги постави СОНК до ресорното Министерство. Имам позитивен впечаток дека МОН ќе пристапи кон решавање на проблемите во основното и средното образование. Така што останува сега да има седница на Совет, да има да распрвата за она за што овде разговаравме и да видиме да се донесе одлука али штрајкот најавен за утрешниот ден ќе биде во функција, односно дали ќе се одржи или ќе се стави во мирување, изјави по средбата во МОН претседателот на СОНК Јаким Неделков.
Министерството за образование и наука, пред одржувањето на средбата информира дека зголемувањето на платите на вработените во областа на образованието нема да биде дел од темите. Како што наведуваат, тоа е дефинирано во Програмата за работа на Владата, при што за оваа календарска година предвидено е зголемување за четири отсто, додека во следните години зголемувањето ќе зависи од буџетските можности.
Министерството, наведе дека прифаќа дебата и за унапредување на системот на екстерното тестирање, но единствено во насока на зголемување на знаењето на учениците и подигнување на објективноста на наставниците при оценувањето, се вели во соопштението од МОН.