Екипи на Јавното комунално претпријатие „Камена Река“ од Македонска Каменица спроведуваат акција за чистење оџаци на колективните станбени згради во градот со цел превенција од пожари поради затнати оџаци.
Како што истакна Влатко Димитровски, заменик директор на ЈП „Камена Река“ оваа акција се наметна како потреба за отстранување на ризиците од пожари во колекивните станбени згради, бидејќи секоја година има запалени оџаци кои претставуваат ризик за сите станари од една зграда.
– Ние лани ја започнавме пробно оваа акција и се покажа како доста успешна со голем инетерес кај жителите. Годинава ја продолжуваме на барање на граѓаните. Интересот е многу голем. Претседателите на куќните совети се јавуваат кај нас и пријавуваат потреба за чистење на оџаците од зградата, по што ние интервенираме, истакна Димитровски.
Тој додаде дека за оваа акција се наплаќаат 100 денари од стан од колективната зграда.
– Досега се пријавени скоро сите згради во М. Каменица и најавувам дека оваа акција ќе ја спроведуваме традиционално, секоја година пред почетокот на грејната сезона, со цел да превенираме опасности од пожари, истакна Димитровски.