Во Македонија отворен Медицински симулациски центар

Од:

Медицински симулациски центар е отворен денеска во Скопје. Сместен е на Клиниката за гинекологија и акушерство и во него студенти, специјализанти и доктори ќе можат да се обучуваат и да тренираат на симулации изведени на специјални кукли или т.н. манекени на кои може да симулираат многу животно загрозувачки ситуации врз основа на протоколи и врз основа на стандарди.

Медицински симулациски центар денеска го посети министерот за здравство Никола Тодоров, кој изјави дека симулациите се веќе направени и има можност за нивна реална имплементација односно реално едуцирање на студенти, специјализанти, доктори итн. кои имаат обврска да поминуваат низ овој центар во делот на нивното студирање, нивната специјализација и во делот на полагањето на државниот испит.

– Кандидатите кои се во центарот треба да ги преземат сите мерки за стабилизирање на пациентот односно враќање на виталните функции. Целиот процес се снима и набљудува од страна на едукатор, кој ја опсервира работата на кандидатот од друга просторија и врз основа на тоа го оценува дали ги презел сите предвидени мерки. Тоа може да се види од целата компјутерска технологија која оди заедно со овие кукли или т.н. манекени на кои може да се симулираат животно загрозувачки ситуации. Тоа влегува во една база која е поврзана со името и презимето на кандидатот кој се обучува, истакна Тодоров.

Појасни дека во симулацискиот центар ќе се прави база на снимени интервенции и додаде дека сите лапароскопски интервенции во Македонија задолжително се снимаат со тоа што базата кога се прави се прави анонимизирана односно без името и презимето или идентитетот на пациентот.

– Базата служи за едукација на студенти на медицина и на специјализанти кои ќе мора делот од испитот да го полагаат во симулацискиот центар. Ова е стекнување на практични вештини во текот на студирањето и специјализацијата и помага кандидатите да се стекнат со практични искуства и да пробаат многу различни ситуации кои може да се симулираат. Едукатори се лица од скопските клиники, нагласи Тодоров.

Посочи дека Медицинскиот симулациски центар располага со еден адултен, педијатриски и гинеколошки модел и лапароскопски тренажер, кој е посебен симулатор на кој може да се едуцираат кандидатите за вршење лапароскопски интервенции во повеќе области на хирургијата и поголем број помали модели кои се користат во едукацијата на студентите во различни сегменти од поставување катетри до имобилизација на скршеници итн.

Целата вредност на оваа опрема, потенцира, е околу 37 милиони денари.

– Установата симулациски центар е формирана од страна на Министерството за здравство, трите медицински факултети во Македонија и Лекарската комора на Македонија. Тоа е реформа која ја најавивме пред година и пол кога беше изменет и донесен новиот Закон за медицински студии и континуирана медицинска едукација, а потоа и со најновите сега донесени измени на Законот за здравствена заштита со кои се предвиди формирање на ваков симулациски центар, додаде Тодоров.

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза