На локалните избори за градоначалник и за советот на Град Скопје, своето право на глас можат да го искористат 461.321 граѓани запишани во избирачкиот список на 675 избирачки места.
За функцијата градоначалник на Град Скопје листи поднесоа осум кандидати и тоа Ѓорѓи Тодоров од НДМ, Наим Бајрами од Алијансата на Албанците, Ванчо Шехтански од ТМРО, Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Нафие Селмани од БЕСА, Беким Фазлиу од ДПА, Марија Јонес од Левица и Петре Шилегов од СДСМ и Коалицијата. Поднесени се и девет листи за кандидати за советници.
Во општина Аеродром во Единстениот избирачки список се запишани 65.910 граѓани кои својот глас ќе го дадат на 87 избрачки места. Кандидати за градоначалници во оваа општина се Златко Марин од СДСМ и Коалицијата и Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, а поднесени се и три листи на кандидати за советници.
Во Бутел на 45 избрачки места на гасање имаат право да излезат 33.275 избирачи. Свои кандидати за градоначалник во оваа општина имаат НДМ со Влатко Дамјаноски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата е Дарко Костовски, на БЕСА Насер Цури, на ДПА Едмонд Мифтари, а на СДСМ и Коалицијата Велимир Смилевски. За оваа општина се поднесени седум листи на кандидати за советници.
Во општина Гази Баба на 93 избирачки места треба да гласаат 61.831 граѓани. Кандидати за градоначалник се Тони Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Зоран Трпчески од Левица и Борис Георгиевски од СДСМ и Коалицијата. Поднесени се и четири листи на кандидати за советници.
На 50 избирачки места со 37.797 гласачи ќе се гласа за градоначалник во општина Ѓорче Петров. Кандидати за градоначалник се Александар Наумоски од СДСМ и Коалицијата и Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Поднесени се и четири листи на кандидати за советници.
Во општина Карпош на 72 избирачки места треба да излезат 53.906 избирачи. Тие ќе треба да се определат за еден од двајцата кандидати Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Стефан Богоев од СДСМ и Коалицијата. Поднесени се и четири листи со кандидат за советници.
Двајца кандидати за градоначалник има и во општина Кисела Вода, Филип Темелковски од СДСМ и Коалицијата и Јохан Тарчуловски од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. За нив можат да се изјаснат 53.090 избирачи на 82 избирачки места. Во Кисела Вода поднесени се и две листи за советници.
Во Сарај на 46 избирачки места на гласање имаат право да излезат 30.942 гласачи кои ќе треба да изберат меѓу кандидатите за градоначалник Блерим Беџети од ДУИ, Екрем Алија од Алијансата на Албанците, Башким Бакиу од БЕСА и Сефедин Алиу од ДПА. За оваа општина се поднесени и пет листи со кандидати за советници.
Во општина Центар има 78 избирачки места, а во Избирачкиот список се запишани 43.505 граѓани. СДСМ и Коалицијата за кандидат за градоначалник го предложија Саша Богдановиќ, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Дејан Јовановски, а Левица Александар Митров. Поднесени се и две листи за кандидати за советници.
Во Чаир на 86 избирачки места своето право на глас може да го искористат 57.767 гласачи и да изберат меѓу кандидатите за градоначалник Висар Ганиу од ДУИ, Исмаиљ Бојда од НДМ, Фарук Абдди од Алијансата на Албанците, Нермин Теловска од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Зеќирија Ибрахими од БЕСА и Идриз Орана од ДПА. За оваа општина се поднесени и осум листи на кандидати за советници.
Во општина Шуто Оризаи според Избирачкиот список има 23.298 гласачи кои треба да се изјаснат на 36 избирачки места. Кандидати за градоначалник се Џељаљ Чајани од ДУИ, Мухамед Цури од БЕСА, Фаик Садики од ДПА, Елвис Бајрам од Сојузот на Ромите од Македонија и Курто Дудуш од СДСМ и Коалицијата. Поднесени се и шест листи за кандидати за советници.
На Локалните избори на вкупно 3.480 избирачки места на гласање можат да излезат 1.814.644 избирачи запишани во Избирачкиот список. Изборите се спроведуваат во 80 општини и Градот Скопје. Листи со кандидати за градоначалници и за советници имаат поднесено 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи.