Од заталкан куршум испукан на свадбена веселба синоќа во гостиварското село Форино, е повредено 9-годишно дете. Детето кое седело на балкон минало само со полесни повреди.
Според СВР Тетово, синоќа околу 18.30 часот во дворот на Ш. Б. (50) имало семејна веселба на која, засега непознато лице испукало повеќе куршуми од огенено оружје. Дел куршумите завршиле во столб од балкон на соседната куќа сопственост на Н.Ј. (68). Парчиња од проектилите и бетонот ја расекле левата подлактица на детето, кое во тој момент се наоѓало на балконот.
Увид на местото извршила екипа на крим техника, а биле најдени и чаури, кои ќе се вештачат.
Појавата од пукање на веселби и покрај забраните и натаму е присутна. Во 2010 година, СВР Тетово има регистрирано шест нарушувања на јавниот ред и мир со пукање во Полошко. Четири од пријавените случаи се заокружени со барање за поведување прекршочна постапка, а две лица биле приведени и задржани за направеното. Во 2011-та година бројот на ваквиот прекршоци е речиси двојно поголем, односно 11. Прекршоците се санкционирани со исто толку барања за поведување прекршочни пријави, а едно лице било приведено. Минатата, 2012-та година евидентирани се 8 прекршоци, односно нарушувања на јавниот ред и мир со пукање, поднесени се 8 барања и едно лице е приведено и задржано.