Советот на Општина Гевгелија ќе ги спроведува сите мерки што ги носи Владата, Министерството за здравство и Главниот кризен штаб. Нема воопшто да расправа за ограничување на влезот на грчки државјани и странци во нашата земја затоа што нема ингеренции за тоа, беше истакнато на денешната седница на Советот на Општината.
Претходно денеска раководителот на подрачната единица за јавно здравје во Гевгелија, епидемиологот Саше Олумчев, најави дека ќе предложи да се свика локалниот совет за превенција, кој треба да се изјасни и да донесе мерки за евентуално ограничување на влегување на граѓаните од соседна Грција кои масовно доаѓаат во Гевгелија како конзуматори на здравствениот и казино туризмот.
На ГП Богородица, каде фреквенцијата на сообраќајот е намалена најмалку за 30 отсто, Олумчев изјави дека редовно се врши контрола на сите патници кои доаѓаат од Грција и се анкетираат лицата кои пристигнуваат од ризичните земји. Редовно се дезинфицираат и работните кабини на полициските службеници.
-Досега имаме тестирано едно лице на коронавирус од Општина Гевгелија, кое имаше мешана симптоматска слика, а со цел да нема никаков ризик лицето беше тестирано. Тестот беше негативен. Не би требало да се предизвикува паника затоа што и нас овој вирус нема да не одмине, рече епидемиологот Олумчев.
На младите, пак, кои добија 14-дневен одмор, поради ситуацијата со коронавирусот, им се препорачува повеќето од времето да го минуваат дома или доколку излегуваат да избегнуваат групирања на места како што се кафулиња, ресторани и игротеки.