Политичката партија Левица денеска соопшти дека до нив пристигнале пријави за наводно незаконско политичко влијание, судир на интереси и злоупотреба на службената положба во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Според Левица, во фокусот на пријавите е членката на Комисијата, Цвета Ристовска. Од партијата тврдат дека во ДКСК постоела воспоставена мрежа преку која се влијаело врз текот и исходот на одредени предмети, како и врз управувањето со документацијата и внатрешните процеси, со цел заштита на лица блиски до власта.
Како што наведуваат од Левица, спорно било ангажирањето на лице во архивата на ДКСК со договор за дело, иако таа служба веќе била кадровски екипирана. Според нивните тврдења, преку овој ангажман се воспоставувал филтер врз влезната и излезната пошта, при што одредени предмети биле селектирани, забавувани или не добиле исход.
Од Левица посочуваат дека лицето било во семејна и професионална поврзаност со лица ангажирани во медиуми и на приватен универзитет, а дека и самата членка на ДКСК во минатото била ангажирана како предавач на истиот универзитет.
Партијата потсетува дека Цвета Ристовска беше известувач по предметот за директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, по кој ДКСК утврди дека нема неправилности во неговото назначување.
Дополнително, Левица наведува дека и по повеќе од една година нема одлука по предметот поврзан со именувањето на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Од партијата најавуваат дека во наредниот период ќе објавуваат дополнителни информации поврзани со овие наводи и ги повикуваат граѓаните и вработените во институциите кои располагаат со релевантни информации да им се обратат.