Сообраќајната полиција во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Скопје извршила увид на 14 сообраќајни несреќи, од кои осум се со материјална штета и шест се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле шест лица.
Како што информира за МИА самостојниот инспектор Драган Вељаноски од СВР – Скопје, во текот на изминатиот ден по спроведените контроли над учесниците во сообраќајот од страна на сообраќајната полиција, откриени и санкционирани се поголем број прекршоци.
Санкционирани се пет возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, тројца возачи не ги почитувале светлосно сигналните уреди, шест возачи почетници сториле прекршоци по разни основи и 17 пешаци поминале вон пешачки премин, односно поминале на црвено светло на семафор.
Затекнати се и 72 непрописно паркирани возила.
Со помош на специјалното возило пајак, во текот вчерашниот ден отстранети се 69 возила кои во поголема мера го попречувале нормалното одвивање како пешачкиот така и моторниот сообраќај.
Во рамки на проектот за сообраќајна култура на децата во предучилишни установи Одделението за превенција при СВР – Скопје денеска ќе реализира едукативни работилници во градинката „Росица“, објект „Пампурче“, која се наоѓа на подрачјето на општина Ѓорче Петров.
Вработените во МЗТ „Леарница“ АД Скопје со почеток во 12:00 часот ќе одржат протест во централното градско подрачје.
Со почеток во 18:45 часот на Националната арена „Филип Втори Македонски“ ќе се одигра меѓународен фудбалски натпревар за играчи до 21 година помеѓу Репрезентацијата на Република Македонија и Република Ирска.
Со почеток во 20:30 часот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во рамките на СЕХА-лигата ќе се одигра меѓународен ракометен натпревар помеѓу РК Металург и РК Вардар.
Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, како и на овие вонредни настани сообраќајната полиција ќе преземе соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а во зависност од моменталните состојби можно е пренасочување на сообраќајот.