Република Македонија се соочува со пандемија од огромни размери предизвикана од коронавирусот и со длабока економска криза која може да трае подолго доколку навремено не се преземат мерки за нејзино стабилизирање, соопштува ВМРО-ДПМНЕ.
„ Зоран Заев лицитира со економските штети од пандемијата обидувајќи се да го покрие претходниот грабеж на народните пари. Сумите варираат од 1,2 , 2 , па дури и 3 милијарди евра. Тоа е доказ за расипништвото и неработењето на Владата во изминатите 3 години. Додека во светот владите преземаат сериозни мерки за справување со здравствената и економската криза, Заев и СДСМ се однесуваат крајно неодговорно. ВМРО-ДПМНЕ континуирано укажува на грешките, но за Зоран Заев е поважна суетата и личното богатење. Цената на криминалот, корупцијата и неспособноста на Заев, во ваква криза уште поскапо ја плаќаат граѓаните. Република Македонија и македонската економија доживеа вистински колапс. Граѓаните ниту криви, ниту должни ќе мора да го полнат буџетот кој Зоран Заев го испразнил. ВМРО-ДПМНЕ нуди соработка и изнаоѓање решение кое ќе помогне македонската економија да го издржи ударот и да застане на здрави нозе. ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање и нејзините тимови може да се стават во функција доколку владата донесе одлука за таква соработка. Во овие моменти политиката и политиканството треба да се тргнат настрана и да се донесат вистински одлуки кои долгорочно ќе ја стабилизираат економијата. ВМРО-ДПМНЕ е спремно да го образложи планот како да се снабдат доволно средства во буџетот за оваа криза да се помине што е можно побезболно. Владата на Република Македонија е на потег да ја прифати пружената рака на ВМРО-ДПМНЕ и да прифати соработка.„Урамниловката” која неколку пати ја спомена Зоран Заев е пример каков што не е запаметен ниту применет во било која европска држава, ниту пак во светот. Таквиот потег само ќе ја урниса дополнително економијата и ќе го осиромаши народот.“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.