ВМРО-ДПМНЕ најостро протестира на директните или индиректни обвинувања, инсинуации и предрасуди на дел од албанските медиуми кои пресудата во случајот „Монструм“ ја сметаат и прикажуваат како политичка, партиска или донесена под политички притисок.
Како што стои во денешното соопштение, ВМРО-ДПМНЕ и нејзинито раководство никогаш не би си дозволило да бара или да врши притисок на суд или судија за било што, а најмалку за некои луѓе да бидат осудени на доживотен затвор, а при тоа да се невини или да нема докази дека се виновни.
– Ниту е тоа работа на ВМРО-ДПМНЕ и владејачките партии, ниту е човечки некому да му се издејствува таква казна за нешто што нема докази кои ги цени судот и само судот. Грев е да се убива млади и невини луѓе, но грев е и без вина некој да се осуди и казни за убиство. Стана веќе стара практика на дел од уредниците и новинари на медиуми на албански јазик, како и на некои аналитичари и политичари, во секоја кризна ситуација со прст да покажат директно или индиректно кон ВМРО-ДПМНЕ и кон нејзиното раководство, обвинувајќи не за се што е поврзано со предизвикување негативни чувства кај Албанците во Македонија. Ние криминалците и убијците, жртвите и убиените не ги делиме ни етнички ни верски. Сите се луѓе, сите имаат право на живот, право на правда, право на слободна мисла и движење. Никогаш не би оправдале убиство врз невини луѓе од која и да се вера и националност, ниту би застанале во заштита на убијци независно дали се Македонци, Албанци, Турци или било што друго. Но, исто така, никому од било какви причини не би подметнале обвинение за убиство ако е невин, ниту би поддржале такво нешто, ниту е наша работа да одредуваме кој е виновен, а кој не, затоа што тоа е работа само на судот, стои во соопштението од ВМРО – ДПМНЕ.
Затоа, се подвлекува, во оваа држава постојат судови и судии, чија задача е да ги разгледаат доказите на двете страни и да донесат независна, со чиста совест, праведна, законска и чесна одлука.
Неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ е кој било да гледа етнички или верски, кога се зборува за такво, се посочува, крволочно убиство или пак да лепи етнички и верски етикети, но и политички и партиски етикети на омраза и обвинувања дека некој тоа го средил така да се пресуди, затоа што веројатно ги мрази Албанците, кога станува збор за судски одлуки за ваков случај во кој се убиени 5 млади и невини луѓе и за кој убедени сме подеднакво жалеа и жалат и Македонците и Албанците и Турците и Ромите и Србите, Бошњаците, Власите и останатите и христијаните и муслиманите и атеистите.