Со идентични наслови и фотографии, малку поразлични ветувања, зголемени цифри и намалена сигурност во излегувањата, ВМРО-ДПМНЕ преку „Реално“ ја бара довербата од граѓаните за нов четиригодишен мандат.
Стратешките цели на партијата и повторно се истите, „Зголемување на економскиот раст и вработеноста, пораст на животниот стандард на граѓаните и подобар и поквалитетен живот; Интеграција на Република Македонија во Европската Унија и НАТО; Бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото; Одржување на добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување и по деднаков третман на сите пред законот; Инвестирање во образование, иновации и информатичка технологија, како клучни елементи за креирање на општество базирано на знаење“. Повторно се ветуваат работни места, зголемување на платата на администрацијата и повисока пензија.
Во 2014 година, Груевски ветил зголемување на платата на администрацијата за 21,5%, односно по 5% годишно, иако зголемување имаше само во 2015 година, а потоа овој проект се заборави. Во „Реално“, Груевски повторно ветува зголемување на платата на администрацијата, но овојпат за 10,25%, односно 5% во јануари 2018 година и 5% во јануари 2020 година.
Груевски во 2014 година вети и изградба на клиничкиот центар Мајка Тереза со рок на изградба до 2018 година, проект за кој беа предвидени 70 милиони евра. Во 2016 година, Груевски повторно ветува изградба на Мајка Тереза, со рок на изградба до 2021 година, овојпат од буџетот се одвоени 198 милиони евра.
Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се става и проектот за печките на пелети кој го започна Град Скопје.
Груевски во 2014 година ветил забрзана постапка за проценка на пазарната вредност на имотот, со даден рок ова да се оствари до 2015 година. Бидејќи и овој проект е неостварен, во 2016 година повторно го има овој прокет, со малку изменето име, „Скратување на времето за проценка на вредноста на имотот“.
На страна 27 од новата програма на ВМРО-ДПМНЕ е и проектот „Опремување на царинска лабораторија за контрола на горива“. Проектот Груевски го ветувал и во 2014 година, кој се наоѓа на страна 30 од тогашната програма „Проверено“. За овој проект во 2014 година од ВМРО-ДПМНЕ биле испланирани 31.000.000 денари, а во новата програма цената се намалува, односно истиот проект овојпат го проценуваат на 17.500.000 денари.
Иако најави заминување од Македонија, Џонсон Контролс е вброена како странска инвестиција која ВМРО-ДПМНЕ ја донел во Македонија.
Груевски го ветува автопатот Демир Капија – Смоквица, проект кој го ветуваше и во 2014 година. Иако во 2014 година е даден рок за изградба на патот до 2016 година, во програмата „Реално“, изградбата е пролонгирана за 2017 година. Како проект се копира и изградбата на автопатот Миладиновце-Штип, кој го има истиот рок на изградба и иако треба да стои како проект во минатиот мандат, ВМРО-ДПМНЕ го пласира како нов проект пред граѓаните.
Се копира и изградбата на автопатот Гостивар-Кичево, кој во програмата од 2014 година нема рок на изградба. Овојпат, за негова изградба е определен рок до 2020 година. ВМРО-ДПМНЕ зема уште еден проект кој го претстави Град Скопје. Во програмата која ја претставува пред граѓаните, внесен е и проектот за набавка на 30 електрични минибуси и 20 електрични автобуси.
Во новата програма, Груевски повторно ветува изградба на пругите Куманово-Бељаковци и Бељаковци-Крива Паланка, проекти кои ги имаше и во програмата од 2014 година.
Повторно се ветува и изградбата на пругата кон Бугарија, проект кој веќе неколку изборни циклуси се наоѓа во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2014 година Груевски мафтајќи со програмата ветуваше и подготовка за основен прект изградба на пруга кон Албанија. Истото ветување се повторува и во програмата за 2016 година.
ВМРО-ДПМНЕ во 2014 година во програмата ги имаше ставено и Коридор 10 и Крак 10 Д, за што беа испланирани 9.4 милиони евра. Во програмата за 2016 година се ветува истото, но овојпат се планирани 2.3 милиони евра.
И менувањето на фасадата на ГТЦ во барок стои во двете програми на ВМРО-ДПМНЕ, со разлика што во новиот проект веќе се дава и рок на изградба до јуни 2020 година.
Груевски во 2014 година ветил изградба на жичница до средно водно, чија вредност е 12 милиони евра со рок на изградба до 2018 година. Овој проект се повторува и во новата програма, овојпат со рок на изградба до 2020 година.
ВМРО-ДПМНЕ се фали со програма од 516 страници, во која 90% од проектите се повторуваат години наназад. Единствено што е реално сменето е насловната страница и името на програмата, бидејќи дури и фотографиите кои се внатре во неа остануваат исти како во 2014 година.
Александар Тодески
