Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека многу скоро ќе поднесе амандмани на Законот за употреба на јазиците, со кои, како што велат од партијата, ќе значат негово усогласување со препораките на Венецијанската комисија. Претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека пратениците имаат право да ги поднесат овие амандмани, но оти за нивно усвојување е потребно и т.н. Бадентерово мнозинство, што, според него, не е можно да се обезбеди, бидејќи за тоа нема расположение кај пратениците Албанци.
Исто така, тој смета дека, мислењето на Комисијата не е обврзувачко, став со кој се согласува и Алијансата за Албанците. Од Движењето БЕСА, покрај тоа, што имаат исто мислење дека промени на Законот за употреба на јазиците не е можна поради неможноста да се обезбеди Бадентеровото мнозинство, се на став и дека отворањето на ова прашање е дел од предизборните игри на СДСМ и ДУИ, но и на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување политички поени. Од СДСМ велат дека не сакаат да коментираат пред да ги видат амандманите што ќе ги предложи ВМРО-ДПМНЕ, но потенцираат дека за ова прашање е потребна поширока дебата за да се изгради заеднички став.
– Венецијанската комисија во своите препораки е децидна дека законските решенија ја надминуваат Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици. Тоа што е опфатено со Законот не е европска пракса, рече Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека власта има обврска да ги прифати предложените измени од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи, според него, во нив ќе биде преточена европската пракса и препораките на Венецијанската комисија.
– Власта треба да ги прифати предлог измените од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи почитувањето на препораките на Венецијанската комисија е услов согласно францускиот нон-пејпер за добивање датум за отпочнување на преговори со ЕУ. Власта да не си поигрува со европската иднина на Македонија и да се издигне над коалициските интереси, истакна пратеникот Данев на прес-конференција во Собранието.
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат процедурална можност да поднесат предлог за измени и дополнување на Законот за употреба на јазиците, но, оти мора да имаат предвид дека за тоа е потребно двојно, односно Бадентерово мнозинство, кое го сочинуваат немнозинските пратеници, најмногу пратеници Албанци, а кај нив нема расположение за прифаќање на ваков предлог.
– Законот за употреба на јазиците е донесен со такво мнозинство и секоја измена содветно се донесува со такво мнозинство. Секој предлагач треба претходно да обезбеди такво мнозинство за да може да смета на поминување на законот, рече Џафери.
Според него, укажувањата од Венецијанската комисија не се обврзувачки, а донесените закони во Собранието треба да се спроведуваат се додека преку соодветна процедура на претрпат евентуална измена. Што се однесува до укажувањето дека дел од институциите не се во можност во моментот да ги спроведат сите аспекти на Законот за употреба на јазиците, Џафери со оценка дека тоа е работа на институциите на кои се однесува законот и тие во соодветно време треба да обезбедат предуслови за да може да ги спроведат законските одредби.
Од пратеничката група на СДСМ велат дека за да ги коментираат амандманите што ги најави опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба прво да ги видат.
– Знаеме кој е ставот на Венецијанската комисија. Апсолутно за тоа ќе треба посеопфатна дебата за да се донесе ставот, но знаеме добро дека став на Владата е да се имплементираат забелешките од Венецијанската комисија, изјави пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов.
Ние, рече тој, се залагаме за унапредување на правата и на помалите етнички заедници кои живеат во нашата држава, но станува збор за можноста и капацитетот на институциите да го спроведат Законот во целина. Затоа, додаде Костадинов, да не зборуваме пред време, да оставиме простор за поширока дебата да ги чуеме сите засегнати страни пред да се изгради ставот.
Сурија Рашиди од Алијанса на Албанците истакна дека мислењето на Венецијанската комисија е субјективно и нетранспатрентно и е засновано врз најголем дел од сомневањата изразени за време на интервјуирање на функционери чиј список, како што рече, го нема никаде и се ставови кои оставаат простор дека се политички мотивирани.
– Без емпириски податоци мислењето на Комисијата е ирелевантно. Тоа не е ниту обврзувачко, туку советодавно, имајќи предвид дека употребата на јазиците е суверено право на земјите членки на ЕУ, додаде Рашиди.
Од Движењето БЕСА сметаат дека Законот за употреба на јазиците може да се отвори само во насока ако има добра волја од сите страни за потполна рамноправност на албанскиот јазик со македонскиот, во сите државни и јавни институции.
– Сметаме дека сето ова е игра помеѓу партиите на власт СДСМ и ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ во предизборен период, за да можат политички да профитираат. Во последно време ги гледаме политичките претставници на ДУИ како се истрчуваат да даваат разни изјави, а се знае дека законот за јазици се носи со двојно мнозинство и оти кај пратениците Албанци нема никаква волја да се направи ревизија на тој закон, изјави во Собранието, Фадил Зендели од БЕСА.