ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривични пријави против членовите на Комисијата за верификување на факти, попозната како Комисија за лустрација, Јанакие Витановски и Благоја Гешовски, поради свесно опструирање,свесно кочење и саботирање на работата на Комисија.
Кривичната пријава, информира на денешната прес – конференција портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ Александар Бичиклиски, ќе се однесува за злоупотреба на службената должност односно заради непостапување по служена должност.
– Овие двајца членови во комисијата беа избрани од страна на Собранието на Република Македонија, но по предлог на СДСМ. Очигледно стана дека господата Јанакие Витановски и Благоја Гешовски свесно ја саботираа работата на Комисијата, а по наредба на врвот на СДСМ, со цел законот за лустрација никогаш да не биде спроведен онака како што беше донесен од страна на Собранието на Република Македонија, рече Бичиклиски и нагласи дека секој избран функционер, без разлика дали припаѓа или е предложен од политичка партија, има основна задача да ги спроведува законите на Република Македонија.
Партиските наредби кои што овие двајца ги добиваа, посочи Бичиклиски, пред судот неможат да им бидат оправдување, заради тоа што тие самите се директни извршители на саботирање и кочење на процесот на лустрација и неспроведување на Законот.
– Тоа што СДСМ 20 години не донесе закон за лустрација, а сите источно европски држави донесоа и спроведоа, доволно говори дека СДСМ има и имала намера никогаш во Македонија да не се дознае, кој спротивно на законите и спротивно на основните човекови права ги коодшел своите сограѓани, роднини и пријатели, заради различни политички и идеолошки убедувања. По донесувањето на законот за лустрација СДСМ преку различни форми и институции се обидуваше да го блокира неговото спроведување. Еднаш тоа беше преку Собранието, вторпат беше преку Уставниот суд, трет пат беше преку лажните и корумпирани НВО на Сорос. Но директни извршители на обидот за саботирање на целиот процес, според нас, се токму господата Јанакие Витановски и Благоја Гешовски, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ. Тие, подвлече, очигледно заборавија дека за својата работа му одговараат на Собранието, а не на Бранко Црвенковски.