Трката за градоначалничките фотељи започна, а од досега виденото-лоши и промашени спотови, излитени пораки, огромни безидејни билборди, иста реторика и монолози наместо дебата.
Кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ се појавуваат само на медиум кој им е сигурен и каде што знаат дека ќе биде „спасени“ од новинарот доколку бидат нападнат или им бидат поставени незгодни прашања. Другите медиуми не се достојни за нивно присуство и затоа емисиите се монотони без соочување на идеи и проекти.
Историјата на политичката дебата во Македонија еволуциски стагнира. Во западните демократии дебата е политичка традиција и започна со првата телевизиска претседателска дебата во САД меѓу Никсон и Кенеди.
Познат е и телевизискиот дуел помеѓу претседателските кандидати на Франција, Митеран и Дестен во 1974 година.
Одлучувачки беа и дебатите кои ги следеше цел свет меѓу Клинтон и Трамп.
Во Македонија за жал тие се ретки, дури и занемарливи.
Прв македонски политичар кој одби ТВ дебата беше Киро Глигоров на претседателките избори во 1994 година со изјавата дека „политиката за него не е театар“.
Кога ќе се спомене телевизиски дуел меѓу политички кандидати се памети дуелот кој изобилуваше со лични дисквалификации, навреди и говор на омраза, како на пример политичкото соочување на МТВ помеѓу Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски во 1998 година.
Никола Груевски е политичарот со најдолг стаж кој јавноста не ја есапи за достојна за да ѝ се претстави на телевизиско соочување.
Единствено, имаше една дебатна емисија од 2002 година со Никола Поповски од СДСМ, но забележани останаа и одбиените покани за соочување пред телевизиските камери што на Груевски му ги упатија Владо Бучковски, Радмила Шеќеринска, Бранко Црвенковски и Зоран Заев.
И Ѓорге Иванов избегна соочување со противкандидатите и на дебатата на тогашната А1 ТВ дојде десетина минути пред крај, со објаснување дека не можел да стигне.
И додека во развиените демократии дуели на политичките противници се задолжителни и никој не помислува да побегне бидејќи може да се сврти резултатот, кај нас отсуството на демократски капацитет создава неинформирано граѓанство кое не може да стекне увид во политичката реалност и понудата на кандидатите.
Гласачите во Македонија имаат право да слушнат и видат отворена борба на аргументи помеѓу кандидатите. Тие имаат право да ја оценат сигурноста на кандидатите, да ги компарираат способностите и ставовите и врз основа на тоа да го изберат својот фаворит.