Македонија оди кон пикот на коронавирусот, Куманово засега е најкритичната точка

Од:

Бројот на заболени од коронавирусот очекувано расте, иако големо изненадување е Куманово, град кој во изминативе 24 часа ја надмина и бројката на заразени во Скопје.

Надлежните директори на здравствените установи на денешниот видео-брифинг со новинарите информираа дека се уште се испитува на што се должи ова, дали тоа може да се препише на културолошките карактеристики на граѓаните или можеби станува збор големи семејства кои живеат заедно па оттаму се и почестите контакти.

Министерот за здравство Венко Филипче информира дека ова е моментот кога треба да се направи пресек, со оглед на тоа што во периодот што следува ќе дојде и пикот на заболени, па оттаму се преземаат и дополнителни чекори за превенција и заштита.

Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски информираше дека е изработена апликација која секој ќе може да ја инсталира на својот мобилен телефон, а преку која ќе може да се следат контактите што евентуално ги имало заболеното лице од Ковид – 19. Манчевски рече дека станува збор за неинвазивна апликација која нема да ја наруши приватноста, нема да ги открива телефонските броеви на граѓаните, туку ќе работи на база на апликациски броеви.

Имено, откако граѓанинот ќе ја симне апликацијата ќе му биде доделен број кој нема врска со бројот на неговиот мобилен телефон или со матичниот број. Преку тој број ќе се следат контактите што ги имал со други лица кои имаат симнато апликација на своите мобилни телефони на кои им се приближил на помалку од два метра. За да функционира апликацијата цело време ќе треба да биде вклучен „bluetooth”.

По 14 дена податоците автоматски ќе се бришат од уредот и воопшто нема да бидат преземени во друг уред, а единствено ќе се преземаат во серверот на инфектолозите доколку имателот на апликацијата се заболи од Ковид-19 за полесно да се следат контактите што ги имал со другите лица.

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека во текот на идниот период се очекува и МАНУ да се приклучи во капацитетот на тестирањето. Освен тоа, реорганизирана е и Градската болница „8 Септември“, извршена е реорганизација на просторот и персоналот, а на располагање има 50-60 кревети со соодветна интензивна нега и операциони сали.

Тој рече дека неделава ќе се врши набавка на респиратори, а главниот критериум ќе биде брзината на испорака, иако тоа во моментов е мошне тешко остварливо со оглед на тоа што потреба од респиратори има насекаде во светов.

На сметката на Министерството за здравство, како што кажа, има донации од 500.000 евра од домашни компани, а има и донации на медицински апарати и големи количини на заштитна опрема од околу еден милион парчиња, како и донирани возила кои им се доделуваат на центрите за јавно здравје.

Надлежните не ја исклучуваат можноста доколку ситуацијата станува полоша од очекуваното, да се предложат и други мерки што ќе значат зголемување на рестриктивноста.

Според последните информации, што ги даде директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ, на клиниката се хоспитализирани 74 лица и веќе се приближуваат до пополнување на капацитетите.

Во последниве 24 часа се примени нови шест пациенти од кои едно лице починало неколку часа по приемот. Вчера е примено двегодишно дете, кое е стабилно.

Статистиките покажуваат и дека 9.1 проценти од заразените од Ковид-19 се здравствени работници, што според надлежните е очекувано, бидејќи тие се во најголем ризик и се во најбизок контакт со заболените.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Ана Ололовска

Меџити: Интензивно работиме на долготрајно, ефективно и квалитетно решение за проблемот со „Трикафта“

Ана Ололовска