Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Програмата за животна средина на ОН (УНЕП) во соработка со Центарот за едукација и развој-ЦЕД, одржаа координативна онлајн средба со невладините организации на тема „Следни комуникациски чекори во процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк“.
Министерот Насер Нуредини изразил благодарност за интересот и поддршката што граѓанскиот сектор ја дава во процесот на прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје, потенцирајќи ја важноста на партнерскиот однос што институцијата ја гради со невладините организации.
Нуредини, информираат од МЖСПП, исто така, укажал на фактот дека само со здружени сили и капацитети ќе може да ја заштити Шар Планина обезбедувајќи одржливо управување со ова природно богатство.
Тој порачал дека Министерството ќе ја даде сета поддршка за обезбедување на учество на јавноста, но дека сега пораката за предностите од прогласувањето на Шара за национален парк е во рацете на невладините организации, кои добро го познаваат теренот и локалното население на Шар Планина и имаат богато искуство стекнато со спроведување на низа проекти досега.
Во рамки на состанокот, се вели во соопштението од МЖСПП, е најавена јавната кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк која е поддржана од УНЕП, а ќе биде спроведувана од Центарот за едукација и развој и другите организации од платформата „Пријатели на Шара“.
Истовремено е претставен и Меморандумот за соработка што МЖСПП го потпиша со повеќе НВО и е отворен за пристапување, со цел да се даде рамка и визибилитет на соработката која е потребна за успешно да се заврши процесот на прогласување, но и за обезбедување на заштитата реализирана на терен.
Од МЖСПП посочуваат дека со цел да се обезбеди висок степен на транспарентност на процесот, на веб страницата на Министерството е отворена посебна потстраница каде се објавени документите поврзани со процесот.