Власта се обидува да ја одблокира Комисијата за социјална политика за да ги истурка измените на Законот за пензиско осигурување

Од:

Во Собранието денеска ќе има уште еден обид за одблокирање на работата на Комисијата за социјална политика, демографија и млади и Законодавно-правната комисија, на чиј дневен ред има само една точка – Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка.

Завчера работата на оваа Комисија остана блокирана, иако претседателот на Собранието Африм Гаши за претседавач ја назначи пратеничката од владејачката коалиција „Вреди“ Имрлије Сали Фетаи откако во понеделникот пратеникот Бејџан Иљас одби да ја извршува оваа функција.

Во средата ниту на Фетаи не ѝ успеа да го стави на гласање дневниот ред на седницата откако пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ побара дополнување на дневниот ред со Законот за бранителите. По ова, Фетаи ја затвори седницата на неопределено време.

Фетаи ѝ одговори на Тренчевска дека претседателот Гаши ја назначил да претседава со Комисијата само за Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Пратеникот на „Европски фронт“, Елми Азири во изјава за медиумите истакна дека сите рокови се поминати за Законот за бранители уште кога со Комисијата за социјална политика претседаваше пратеничката Илире Даути од Алијансата за Албанците на Зијадин Села која е дел од „Европскиот фронт“.

Проблемот во Комисијата за социјална политика почна во ноември минатата година откако пратеничката од Алијансата за Албанците, Илире Даути одби да го стави на дневен ред Предлог-законот за бранители доколку не се стави законско решение и за припадниците на УЧК. Собранието на пленарна седница на 10 јануари со поддршка од 61 пратеник и 22 „против“ изгласа интерпелација на претседателката на собраниската Комисија за труд, социјална политика и млади Илире Даути. Интерпелацијата за Даути во ноември ја поднесе пратеничката група на „Левица“ поради тоа што Даути, како што беше посочено на пленарната седница, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава. Една недела подоцна Даути поднесе оставка од претседателската позиција во Комисија.

Во Собранието денеска е закажана и седница на Законодавно-правната комисија, на чиј дневен ред е Предлог на закон за изменување на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување во прво читање.

Би можело да ве интересира

На 29 јули интерпелација за републичкиот јавен обвинител – Љупчо Коцевски

А1он

Пратениците дебатираат за ребалансот на Буџетот за 2025 година

Утре на пленарна седница ќе биде дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025 година

Собранието ќе одлучува за дополнетиот ребаланс на Буџетот одобрен од Владата

Мицевски: Владата има луѓе, има механизација сега и се справува со сите можни и неможни позиции коишто ги има

Левица: Африм Гаши, уценет од ВМРО-ДПМНЕ, илегално ја поништи закажаната Надзорна расправа за Кочани