Власта сака улица на кејот за да може Алек Теранова да наплати три милиони евра од Телеком

Од:

Одлуката на Град Скопје низ Кејот да се гради улица до плоштадот, а особено начинот и околностите во кои таа е донесена, упатуваат на опасноста дека Кејот може да биде следната „жртва“, следната урбана отстапка кон интересите на политичките и бизнис елити. Едноставно власта преку уништување на ова парче сака да му овозможи на бизнис- соработникот Александар Ивановски да се стекне со милионска сума која треба да ја наплати од Телеком откако ќе биде отворена улицата, пишува Макфакс.

На Кејот деновиве речиси и да не може да се забележи дека пред само две недели, започна изградбата на улицата. Настанот предизвика големо внимание во јавноста, а работите ги запре Општина Центар. Од општината се решени да ги искористат сите средства за да ја спречат изградбата на улицата, но ова не ја намалува неизвесноста околу иднината на Кејот.

Која е позадината на овој случај? Кои се интересите на бизнисменот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова и неговата компанија „Дивелоп груп“?

Неговата фирма ја градеше зградата која во 2012 година беше разменета за други четири административни згради на Телеком во центарот на Скопје. Според договорот за оваа трампа, зградите на Телеком, со вкупна вредност од 21.15 милиони евра, се менуваат за зградата на Девелоп Груп која е проценета на 37.3 милиони евра. Како сосопственик се јавува ЈП Македонска пошта АД. Во договорот е предвидено разликата во цената од околу 16 милиони евра Телеком да ја отплаќа на шест еднакви рати по 3.176 милиони евра.

Најинтересна е точката 5.1 од договорот, во која има одредба според која „Дивелоп груп“ мора да изгради и улица на кејот, и тоа до истекот на пет години од склучувањето на договорот. Во спротивно, доколку годинава не ја изгради улицата, фирмата на Алек Теранова ќе остане без последните 3.176 милиони евра од последната, шеста рата.

Двете компании и државната Македонска пошта, уште пред да има какво било одобрение или изготвен проект за улица на Кејот на Вардар, се договориле да ја градат.

Со планираниот зафат, објектот на „Телеком“ ќе се комплетира за употребна дозвола, бидејќи во моментов, тоа што нема пристапна улица значи дека зградата не е пуштена во употреба според стандардите и нормативите за градба. Изградбата на улицата, според ова, е обид дополнително да се обезбедат условите и стандардите кои требало да бидат обезбедени пред „Дивелоп груп“ да почне да ја гради зградата на „Телеком“.

Град Скопје со години најавуваше дека под Кејот ќе се гради подземна сообраќајница, булевар кој би се протегал од Владата до компексот банки. Сервисната улица на Кејот требаше да биде крак од подземниот булевар, кој би бил врската со зградата на Телеком. Ова решение е впишано и во Деталниот урбанистички план за „Мал ринг“ во Општина Центар.

Во основниот проект за улицата од 2014 година стои дека инвеститор ќе биде Град Скопје. Но, Градот во меѓувреме се одлучил улицата да ја гради приватен инвеститор, без за тоа да донесе посебна одлука, како што е предвидено со законските прописи. Компанијата „Дивелоп груп“ во 2015 година нарачала инфраструктурен проект од фирмата „Чакар & партнерс“, а ја обезбедила и комплетната останата проектна документација, уште пред да знае дали Советот на Град Скопје ќе даде согласност и ќе ја избере за инвеститор. Советот одлучил во септември 2015, а во октомври лани компанијата доставила режим на сообраќај до Градот, кој го одобрил. И во овој документ стои дека е предвидена подземна сообраќајница, но и таа подоцна исчезнува од документите.

Би можело да ве интересира

Пијан скопјанец пред сопругата и децата пукал и тешко ранил познаник

Скопјанец пријавил сексуално злоставување на неговата малолетна ќерка

Скопјанец со нож и се заканувал на сопругата

Арсовска: Нашето Скопје треба да се сака со тоа што заедно ќе работиме да имаме поубав град

Скопјанка го нападнала сопругот и свекорот, па искршила дел од покуќнината

СДСМ: Скопје најзагаден град, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух