Власта и опозицијата најдоа заеднички јазик во однос на блокираната 36-тата седница. По одржаната координација на собранискиот спикер Талат Џафери со парламентарните партии, започна седницата на која се поставени законите од петтиот пакет мерки. По утврдувањето на дневниот ред, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара на дневниот ред да останат само четири точки кои се однесуваат на мерките за справување со последиците од пандемијата. Со 87 гласа за, без воздржани и против беше усвоен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, односно дневниот само со законите од пакетот антикризни мерки.
Претходно пратеникот на СДСМ Јован Митрески јавно се заблагодари на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за подадената рака и победата на разумот во интерес на граѓаните.
„Ѝ благодарам на опозицијата што се надмина себе и даде рака за поддршка, заедно да ги изгласиме овие закони кои се важни за помош на стопанството и работниците“, рече координаторот на СДСМ, Јован Митрески.
Собранискиот спикер Талат Џафери објасни дека ги следи одлуките на мнозинството од пленумот. Додаде дека на координацијата се разрешило недоразбирањето и се договориле да делуваат во интерес на граѓаните.
„Да не се вратиме на претходниот дел од денот, останав конзистентен дека процедурите се одлика на пленумот, не се по моја волја. Секако дека ќе биде спроведено сè она што е во моја надлежност и во интерес на институцијата. Ме радува што имаме капацитет да најдеме заеднички јазик и да рефлектираме резултати“, рече Џафери.
Претходно пратениците едногласно со по 86 гласа го усвоија предлогот на Владата за носење на Законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност за месеците февруари, Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од кризата за исплата на платите за месеците февруари и март, изменување на Законот за личен доход, а исто така беше усвоена и предлог-одлуката за продолжување на кризната состојба поради опасност од миграција низ територијата на државата и поради постоење на пандемијата со Ковид -19.
Точките од економскиот пакет се по скратена постапка, ќе бидат разгледани од надлежните собраниски комисии по што се враќаат на седница на која ќе се расправа и ќе се гласа за нив.