Премиерот Никола Груевски денеска, во придружба на министрите за здравство и за труд и социјална политика Никола Тодоров и Спиро Ристовски, како и на скопскиот градоначалник Коце Трајановски, го посети првото бебе родено во 2013 година на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Бебето тешко 4,3 килограми и долго 54 сантиметри, на мајката Јасмина Смилевска и е осмо дете по претходно родените пет машки и две женски.
Премиерот Груевски најави дека, по овој повод, Владата на семејството ќе му додели еднократна парична помош од илјада евра.
Министерот Ристовски на бебето му подари два златника, а градоначалникот Трајановски на мајката, традиционално, и даде книшка со 20 илјади денари. Министерството за здравство, пак, како што рече Тодоров, ќе обезбеди се што е неопходно за бебето во 2013 година, пелени, храна, средства за хигиена…
– Задоволството е големо. Веруваме дека цела 2013 година ќе биде среќна и берикетна зашто првороденчето е осмо дете на семејството Смилевски кое од Владата ќе добиде еднократна парична поддршка од 60.000 денари, изјави министерот Тодоров по посетата.
Оценувајќи го случајот како исклучително карактеристичен особено кога во Македонија е актуелен проблемот со наталитетот, министерот Ристовски рече дека на Смилевски ќе им биде обезбедена и бесплатна градинка за трите најмали дечиња.
– Станува збор за семејство кое не е во социјален ризик. Таткото работи, мајката исто така. Тие не се корисници на социјална помош и треба да бидат пример, стимулација за другите вакви семејства. Досега размислувавме за поддршка на трето родено дете, но овој случај навистина е за помош зашто во македонија има се помалку семејства со две или три деца, а исклучително се ретки оние со по осум или повеќе, истакна Ристовски.
Честитики за приновата упати и градоначалникот Трајановски. И тоај смета дека годинава ќе биде берикетна бидејќи „тргнала“, нагласи, со дете кое е осмо родено во семејството.
На Клиниката за гинекологија изминатата ноќ беа родени уште шест други бебиња, четири машки и две женски.
Фото:Курир