Екс министерот за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски во времето на своето министерување на почетокот од 90-тите години дал наредба за оперативна обработка на митрополит преспанско-пелагониски Петар, открива „Дневник“.
Владика Петар за „Дневник“ ја потврдува информацијата.
„Kога почна лустрацијата за Фрчкоски пред околу една година и беше прозван дека следел и свештени лица, тогаш се изјасни дека тoj го продолжил тоа што го правеле неговите претходници, а дека било правено и по него, што во суштина не е никакво оправдување. Не може својот грев да се очисти повикувајќи се на гревовите на другите.
– Тоа си е негов грев и треба да го очисти со јавно извинување дека сторил престап и признание дека дал наредба да се клеветат луѓе. Досега тој не го повлекол тоа што го наредил или не негирал дека тоа го сторил“, вели митрополитот Преспанско-пелагониски Петар.
Владиката вели дека не го побарал досието.
„По сето ова можеби и ќе го побарам и тоа нема да го направам со намера да се одмаздувам некому, туку ако можам да им дадам до знаење дека треба да се поправат оти во спротивно си ги ставаат душите во пеколот. Одмаздата е Божја. Господ е тој што суди, јас единствено ако можам да повлијаам тие искрено да се покајат и да се извинат за стореното.
– Тогаш сум подготвен да им дадам прошка. Но за тоа е потребно вистинско искрено покајание. Немам намера некого да тужам, но ако не се покојат за стореното, тие не само што го валкаат својот углед, туку го оцрнуваат и целото семејство, своите блиски и нивните потомци давајќи им слика на клеветници, кодоши“, вели владиката.