Владата на наредната седница ќе одлучува за мерките за невакцинираните што ги предложија Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, со кои се предвидува сите вработени во јавниот сектор да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа што ќе биде направен на сопствен трошок.
Оние кои го прележале вирусот ќе треба да приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист.
Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат во сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои се уште не се вакцинирале. Одлуката првично требаше да биде донесена во вторникот, но нејзиното носење беше одложена по автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 наши државјани и прогласувањето тридневна жалост во државата.
Синдикатите на средба со ресорниот министер Венко Филипче побараа два платени слободни дена по вакцинацијата, ПЦР тестирањето за оние кои не сакаат да се вакцинираат да биде на трошок на работодавачот, како и да биде продолжен на 15 дена рокот кога ќе почнат да важат мерките, наместо 10 дена како што предлага Комисијата за заразни болести. Нивните барања според најавите треба да бидат разгледани на седница на Владата.
Последниот 24-часовен биланс, пак, покажува нови 442 случаи со Ковид-19, 373 оздравени пациенти и пет починати, сите во болнички услови, од кои најмладиот на 57, а најстариот на возраст од 84 години. Дополнително, согласно регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од „Мој Термин“ се пријавени пет починати лица со датум на смрт од 11 до 22 ноември на возраст од 65 до 86 години, од кои едно лице е починато во домашни услови, а четири во болнички услови.
Досега во земјава се направени вкупно 1.456.023 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 213.307, бројот на оздравени пациенти е 197.493, на починати е 7.474, а на активни случаи изнесува 8.339. Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи 3.832 има во Скопје, а најмалку само два во Дојран.