Владата останува на ставот дека конфронтацијата на Пауновски е недопустлива, барање за средба немаат добиено

Од:

Петицијата за стопирање на процедурата за разрешување на директорот Стојко Пауновски ќе биде поднесена во понеделник до премиерот Зоран Заев од вработените на Државниот пазарен инспекторат. Од Владата, велат дека досега немале добиено барање за средба, иако вработените кажаа дека допис за прием е испратен од вчера. Група за поддршка на Пауновски е формирана и на социјалните мрежи. За 18 часа, таа има над 700 членови.

Од Владата, остануваат на ставот дека непочитувањето на одлуките на Владата и како што велат, поттикнување на конфронтација преку медиумите е недопустливо. Во тој контекст тие велат: „Спротивно на закони и кодексот на однесување на јавните функционери“.

„Оваа Влада, во двата мандата, стои зад овој орган и токму затоа, беа поддржани барањата за зајакнување на капацитетите со нови 15 вработувања на инспектори. Паралелно, со усвоениот план за распределба на административните службеници преку програмата К-5, со што Владата најде решение за еден сериозен децениски проблем за кој реагираа граѓаните, ДПИ добива дополнителен број вработени. Владата нема очекувања ниту побарувања распределените лица во Инспекторатот да ги вршат работите на инспекторите, но Владата знае дека во сите институции има потреба од дополнителен ангажман на различни нивоа, особено ако за тоа институцијата нема дополнителен финансиски трошок. Затоа, не треба да се манипулира јавноста дека ова распоредување кое е согласно усвоен закон и согласно одлуки на Владата, ја заменува потребата од нови кадри. До кабинетите на премиерот Заев и вицепремиерите Николовски и Груби, не е пристигнато барање ниту петиција од вработени во Државниот пазарен инспекторат“, велат од Владата за „А1он“.

Петицијата потпишана од речиси сите вработени во Пазарниот инспекторат, во понеделник со писмен допис, ќе бидат испратени во Владата, најавува Александра Котели за „А1он“ во името на сите вработени.

„Многу ни е важно да се напомене дека вработените нема да одат на штрајк туку на законски начин се обраќаат до премиерот. Во меѓувреме, граѓаните треба да знаат дека државните пазарни инспектори се постојано на терен, бидејќи здравјето на граѓаните е пред се“, вели Котели.

Претходно, премиерот Зоран Заев кажа дека очекува да се разреши Стојко Пауновски, бидејќи смета дека има основ за тоа. Ова доаѓа откако претходно Пауновски одби да вработи 35 „рамковни“ административци, бидејќи сметаше дека тие не исполнуваат услови согласно систематизацијата. На ова одговори Заев, кој јавно му испрати порака и му порача да не дава отпор. Пауновски отиде чекор понатаму и кажа дека е разочаран од изјавата на премиерот. Премиерот Заев смета дека Пауновски со изјавите го понижил него, но и Артан Груби како вицепремиер задолжен за прераспределба на рамковните вработени.

Освен вработените во Државниот пазарен инспекторат кои веќе кажаа дека застануваат зад директорот Пауновски, поддршка за него има и на социјалните мрежи каде се критикува чекорот на Владата и премиерот Заев. Зад Пауновски, според Котели, стои и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани.

Би можело да ве интересира

ДПИ најави сузбивање на нелојалната конкуренција од нерегистрираните трговци

Ана Ололовска

Трајковски: Повеќе од 160 инспектори на терен, цените се намалени

Горан Наумовски

Анета Симеска Димоска именувана за в.д. директор на Државниот пазарен инспекторат

Жарко Настоски

Заев за разрешувањето на Пауновски: Непочитувањето на етичкиот кодекс и инаетењето по медиуми не е одлика на добар директор

Габриела Димковиќ-Мишевска

Пауновски: Одбраната на интегритетот и професионалноста на институцијата не наидоа на разбирање од премиерот

Жарко Настоски

Владата го разреши Стојко Пауновски поради „непрофесионално однесување“

Жарко Настоски