Владата на денешната седница ја разгледа состојбата со поплавите и презема мерки и активности за превенирање и менаџирање од последиците, а испрати и свои претставници да ги увидат состојбите на терен.
Владиниот портпарол Александар Георгиев денеска изјави дека водните коти на акумулациите и езерата, според последните информации со кои располагаат, во овој момент се под границите на највисоката кота. Ситуацијата се следи и јавноста ќе се информира доколку се појави потреба за реакција.
Владата апелира сите локални субјекти кои поседуваат градежна механизација да помогнат во општините, општинските комисии за проценка на штета по повлекувањето на поплавите и создавањето услови да извршат увид на теренот и да информираат за натамошни постапки.
– Апелираме на активно дејствување на комуналната инспекција во локалната самоуправа и проверка на состојбите затоа што е увидено дека дел од поплавите се настанати како влијание на човечки фактор, односно непрописно фрлање на отпадоци во каналите кои се чистат, истакна Георгиев.
Тој нагласи дека во текот на 2012 се исчистени 70 километри канали и речни корита, како што е предвидено и во програмата, што значи дека поплавите не се резултат на неисполнети задачи, туку на природни влијанија како што се случуваат секаде во светот.
За утврдување на состојбата вицепремиерот Владимир Пешевски ќе оди во Струмица и струмичко, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ќе ги посети Куманово и кумановско, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и државниот секретар во Министерството за животна средина Соња Лепиткова ќе одат во Пробиштип и Пишица, министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски ќе ги посети Штип и Свети Николе, заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски и директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски ќе ги посетат Радовиш и околината.
– Целта на посетите е министрите изворно да ги увидат состојбите на терен, да ги координираат тековните операции на институциите и да придонесат во регулација на состојбите, но и да излезат во пресрет на населението, изворно запознавање на преземените дејствија, рече Георгиев.
Владата, додаде, веќе формирала и Координативно тело за превенција и справување со последиците од обилните врнежи и поплавите, кое менаџира со состојбите.
– Врз основа на податоци од теренот и барање од општините, веќе се дадени насоки за користење на градежната механизација во државна сопственост во справување со состојбите, дистрибуирани се материјални средства за превенција од поплавите, вреќи со песок, материјали за тампонирање и ангажирани се пунктни станици и онаму каде што се побарани за истек на водите од поплавените урбани средини, изјави владиниот портпарол.
Според него, МВР веќе извршило евакуација на помалите населени места околу браните во Пишица и Слатино, ангажирани се екипи на ЦУК и ДЗС и Владата, како што рече, им стои на располагање на општините во граници на можностите и ингеренциите да помогне каде што е потребно.