Околу 1.150 мигранти во моментов се сметени во Транзитниот центар Табановце, информираше денеска, коориднаторот на центарот, Горан Стојановски, објаснувајќи дека вчера пристигнал еден воз со 417 мигранти од кои 217 го продолжиле патот кон Србија, останатите како и претходните денови се вратиле во центарот. Воз пристигнал и утрово околу 6 часот со 179 лица.
Профилацијата кај граничниот камен е отпочната, а околу пладне пристига и група од триесетина Сиријци кои веќе во два наврати се обидуваат да ја поминат границата со Србија.
– Даваме максимални напори да ги сместиме луѓето.Она што се однесува до храна, облека, ќебиња и останата помош е обезбедено, но мора да се потенцира дека во центарот веќе петнаесет дена сместена е една поголема група од Авганистани, а бројот на оние кои се сместуваат секојдневно расте, изјави Стојановски.
Дезинфекција во центарот се врши два пати дневно на површина од околу 3.000 метри квадратни, туш кабините функционираат, бегалците добиваат средства за хигиена.
– Се води сметка и грижа за бегалците на секој начин, додаде Стојановски.
Од Црвениот крст информираат дека дневно во текот на една смена има околу 400 до 450 асистенции и интервенции и дека беспрекорно функционира дистрибутивниот тим.Посериозните случаи се носат во Кумановската болница.