Вината за поплавата надлежните ja префрлија на граѓаните

Од:

Според државните институции причина за поплавата во Тетово во текот на вчерашното невреме се неичистените корита, полни со отпад и градежен шут. Во поплавите и свлечиштата што се појавија во тетовскиот регион загинаа неколку животи, а бројот на починат денеска се зголемува како што куќите се откопуваат од калта. Од Центарот за управување со кризи велат дека реката Пена се излеа поради отпадот и ѓубрето што граѓаните го фрлаат во коритото и на тој начин го затнуваат текот на водата.

-Коритата континуирано се чистат, но проблем се граѓаните што фрлаат шут и отпад. Поројните дождови и со помал интензитет знаат да направат проблем доколку не се исчистени каналите. За поплавите најмногу прионесоа неисчистените канали и отпадот што жителите го фрлаат иако ние постојано апелираме. Се чистат каналите постојано, но луѓето постојано фрлаат – вели Надица Вчкова, портпарол на ЦУК.

На прашањето што ЦУК презеде како превенција од опасности и ризици по безбедноста на граѓаните за да се спречат жртви и поголеми штети, од таму ни одговорија дека пред почетокот на невремето од Општината Тетово не побарале да интервенираат.

-Според Законот за управување со кризи локалната самуправа управува со надвозници подвозници и канали, но доколку има потреба од поголема помош од нешто превентивно што треба ние да го координирам, бараат помош од нас. Од таму немавме добиено никакво барање дека е затнат канал, а се додека локалната самоуправа не побара од нас, ние се подразбира не можеме да интервенираме. Додека траеше невремето беше побарано, после појавата на свлечишта и одрони – вели Вчкова.

За граѓаните од Тетово ова е неприфатливо објаснување. На социјалните мрежи реагираат со негодување и прашуваат како е можно дожд да предизвика жртви.

„Животи се изгубени од дожд! Муабетот дека луѓето се неодговорни и фрлаат отпад во каналите не држи. Има јавни претпријатија што треба да си ја работат работата и да понесат одговорност“, пишува еден граѓанин.

Мештаните на Мала речица сметаат дека свлечиштата, во кои загинаа нивни сограѓани, се последица на градежниот шут кој со години се складира на Шар Планина. Поради невремето, шутот се лизнал надолу при што настрадаа неколку деца и повозрасни граѓани.

Од градоначалникот на Тетово, Теута Арифи, граѓаните бараат морална одговорност и да поднесе оставка. Од Општината се уште не излегле со коментар за овие реакции.

Невремето вчера најсилно го погоди Тетово каде се констатирани единствените жртви. СВР-Тетово ја потврдија смртта на четири лица: Х.Ф. (83), А.М. (14) и Р.А. (1,5) од Шипковица, како и А.И. (7), додека се трага по шестгодишно девојче од Шипковица. Најмалку 11 луѓе беа повредени и хоспитализирани. Шипковица претрпе најголеми штети, а до доцна синоќа пристапот до селото беше оневозможен поради свлечишта, одрони, карпи и камења на патот. Се уште се проценува материјалната штета што поројните дождови и поплавите ја предизвикаа во овој регион.

Според временската прогноза обилни дождови и грмотевици и денеска ќе ги погодат градовите во западниот и југозападниот на Македонија, а ваквото време се очекува да продолжи до четврток.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Големи поплави во Кина, повеќе од 50.000 луѓе се раселени

Горан Наумовски

Голема поплава во Русија, илјадници евакуирани

Поплави во долината Неретва

(ВИДЕО) Големи поплави и загинати во Бразил

(ВИДЕО) Поплави во Австралија, во поплавена улица плива крокодил

(ВИДЕО) Црна Гора: Поплавени улици, куќи и мостови, вода влегла и во итната медицинска помош

Горан Наумовски