Планинарскиот клуб” Љуботен” од Тетово по 35. пат претстојниот викенд ќе го организира традиционалното искачување на највисокиот врв на Шар Планина -Титов врв, најави денеска на прес-конференција претседателот на ПК Љуботен, Јован Божиновски. Мотото на овогодинешниот планинарски поход е „Да се искачиме на 2.747 метри и да дадеме поддршка Шара да се прогласи за национален парк“.
-Планинарските друштва во сабота, 28 мај 2015 година, ќе пристигнат на Попова Шапка каде што е предвидено да се одржи свечено отворање на манифестацијата со изложба на фотографии и презентација на туристичките потенцијали на шарпланинскиот регион. Во недела наутро колоната која според нашите проценки ќе брои околу 800 планинари ќе се упати кон Титов Врв, тргнувајќи од платото пред хотел „Попова Шапка“. Пешачењето до највисокиот врв на Шара по „Вакуфска патека“ ќе трае околу 5 часа и ќе биде проследено со еколошка акција за чистење на сметот долж планинарската патека до врвот, истакна Божиновски.
Информира дека на самиот врв планинарките и планинарите ќе имаат можност да учествуваат во една интересна фотографска акција. По кратката пауза тие ќе се вратат на Попова Шапка и ќе се напијат чај подготвен од групата „Пријателите на Шара“, каде ќе добијат информации за придобивките од тоа Шар Планина да биде прогласена за национален парк и ќе имаат можност да дадат поддршка на оваа иницијатива.
Според Божиновски во досегашните 34 искачување Титов врв го освоиле вкупно 21.700 планинари, а оваа манифестација е една од најзначајните во годишната програма на ПК Љуботен што оваа година одбележува 91 година од постоењето. За искачувањето на Титов врв претстојниот викенд освен планинарски друштва од Македонија досега се пријавени нивни колеги од Бугарија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Унгарија и Франција, информираа организаторите.