(ВИДЕО) Жителите на Водно го повикаа ИЗИИС на увид кај свлечиштето: Куќата сосе темели може да ни падне во јамата

Од:

Жителите околу градилиштето на Водно во кое се одрони земја стравуваат дека и нивните куќи може да завршат во јамата. Денес јавно го повикаа Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија на увид, оти им било кажано дека оваа институција дозволила да се гради без да се обезбеди градежната јама. Тие уште еднаш побараа стопирање на градежните активности и укинување на одобрението за градење за кое сметаат дека е целосно спорно и не требало да се даде без во него инвеститорот да се обврзе да направи геолошки испитувања и да ја обезбеди градежната јама за да се заштитат од токму вакви лизгања на земјиштето.

„Секаде овде на Водно не терале да направиме прво длабинско бушење, испитување на земјиштето, потоа заштита на градежна јама. Пред да се копа да се направат бунари, 44 бунари сме направиле. Не може на пет метра од куќата да копаш ти 15 метра. Нема теорија. Треба елаборат за бушење, геолошки елаборат и после тоа следува заштита на јама. Тоа се прави најлесно со тие бунари, тие коштаат, но треба да се направат затоа што се загрозени околните згради. Овде имаме три објекти и никој не може да знае, може утре да паднат, може денес, може да се сруши цел објект. Се е спорно со одобрението за градење, не смееле да ја издадат градежната дозвола без овие работи што ги кажав“, рече архитектот Атанас Бошков кој предупреди на опасност од лизгање на земјиштето уште минатиот месец.

Жителите околу градежната јама се распаметени од можноста и нивните куќи да завршат во дупката.

„Очигледно ова мораше да се случи поради врнежите. Оваа земја е лапор, во случај на големи дождови се претвора во кал и може да дојде до свлекување и уште поголема катастрофа, може да се одрони онаа земја позади, објектот каде што живееме со комшијата, сосе темелите може да падне во оваа јама. Исто така и комшијата е загрозен од левата страна, најдиректно. Ова е стварно лудило. Ниедна институција да не преземе одговорност и да мисли дека нема да сноси никаква кривична одговорност. Ќе сноси дефинитивно“, вели Маја Сотировска, која живее во објект на пет метри од јамата.

Таа и нејзиниот сосед, Жарко Будимовски, со кого ја дели наследената дуплекс куќа уште од мај, кога почна сечата на дрвјата на парцелата која им била дадена на користење на нивните семејства, предупредува за градбата, но одговор од институциите нема. Обвинуваат дека нивниот сосед, кој сега е меѓу инвеститорите на објектот, со лажна изјава дека е корисник, успеал да им го одземе дворот во кој беа дрвјата и да го приватизира. Поднеле неколку тужби и кривични пријави за новиот објект од кои се уште чекаат резултат.

Денес активистката Ана Глигорова, носител на независна листа за Советот на Општина Центар од градилиштето апелираше да престане градењето за да не се случи поголема трагедија, да загинат работници или пак во јамата да завршат куќите на соседите.

Завчера на градилиштето со силен тресок се одронила земја и во опасност од уривање е патот кој им е единствен пристап до дома на десетина куќи на улицата Партениј Зографски, над училиштето „Кочо Рацин“ на Водно.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Снег на Водно, во неколку града и во скијачките центри

Катерина Ѓуровски

Ангелов: Пожари на две места на Водно и искршено стакло на продавница

Томески: Изгаснат е пожарот во планинарскиот дом на Водно

Пожар во планинарскиот дом на Водно

Горан Наумовски

Момче и девојче повредени во сообраќајка на Водно

Горан Наумовски

Три девојки синоќа барале помош од ЦУК, наишле на диви свињи на Водно