Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски на денешната седница на советот на општина Центар посочи дека таму каде што и започна овој состав, таму и симболично го заокружува мандатот, со спречување на сите криминални активности, бидејќи 7.6.2013-та година, кога овие одлуки беа на дневен ред е датум запишан со црни букви, поради нападот врз општината и нарачаното физичко насилство врз Градоначалнилот. Од бомбите, рече тој, јасно се дозна кој е нарачателот.
– Граѓаните тогаш беа измамени дека мотивите за протестот и вандализмот врз општината се за заштита на црквата на улица Македонија. Таа црква и ден денеска, по 4 години, седи неизградена. Повеќе од јасно е дека нападот немал врска со црквата. Никола Груевски за нарачаните шамари е на обвинителна клупа и за ова ќе се соочиме во мај. Има обвиненија за соучесништво и од колеги-советници од ВМРО-ДПМНЕ, рече Жерновски.
Жерновски праша кој му дозволи и му даде сила на Коце Трајановски да каже дека нема да ја почитува одлуката на општина Центар, донесена на Советот на општина Центар од 20-ти март, со која се спаси шеталиштето на кејот на Вардар.
Градоначалникот на Центар посочи дека со овие одлуки само ќе се тргнат штетните последици за граѓаните и се отвора пат да се донесат планови кои нема да задоволуваат нечии бизнис интереси.
– Оваа седница има и поголема порака. Секој што нарачува насилство ќе одговара. Ако не денес, тогаш утре. Правдата не може да се спречи, рече Жерновски.
Жерновски за крај, ги праша советниците од советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ, дали се згрозени или ги поддржуваат одлуките на Груевски за нарачување шамари, на што не доби одговор.
За штетите од ваквите одлуки, за кои од ВМРО-ДПМНЕ праша дали ќе ги плаќа општината, Жерновски ги запраша нив дали тие знаат колкави се штетите од проектите на Груевски кои ќе треба да ги плаќаат идните генерации.