Голем број на граѓани се јавија вчера и ни кажаа дека ги посетуваат претставници на т.н. невладино здружение на архитекти кое што тврди дека е откажан референдумот и дека истиот е нелегитимен. Оние кои ги посетуваат граѓаните и ги тераат да се откажат, не се од Скопје туку од други градови.
Носени се со автобуси со цел да не бидат препознаени, изјави денеска градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски кој рече дека во пресрет на референдумот за ГТЦ се прават обиди за граѓаните да бидат измамени.
Тој побара да не се опструира референдумот, туку ставот да се изрази преку даден глас на 26-ти април. За активистите и членовите на ВМРО-ДПМНЕ, Жерновски рече дека во овој период се најизложени на притисоци.
– Знам дека се најмногу изложени на притисоци особено оние што работ во јавната администрација. Но знам и дека референдумот е надпартиски и надполитички и знам дека на ГТЦ му е потребна и нивната поддршка – рече тој.
Тоа што претседател на Општинската изборна комисија на Центар и понатаму е Кочо Митровски, кој наводно се јавува како соговорник на министерот Миле Јанакиевски во разговорите што ги објави СДСМ, според Жерновски, може да му наштети на референдумот, но, како што вели, тоа не може да ја попречи јасно изразена волја на граѓаните.
Градоначалникот на Центар рече дека не верува оти ќе се повтори сценариото со гласачите од Пустец, затоа што би било погубно за сите доколку повторно ги видиме, рече тој, како си ги бараат избирачките места каде што се пратени да гласаат.
Даница Павловска, од иницијативата „Го сакам ГТЦ“, посочи дека активистите направиле обид да контактираат со претседателот, Ѓорге Иванов, и да ја побараат неговата поддршка, но дека тој го одбил нивното барање за средба.
– Му се обративме барајќи прием за да објасниме и за да поразговараме околу овој прв граѓански референдум и неговиот значење. Очекувавме став кој макар ќе ни каже што мисли претседателот за овој демократски чин, но за жал тој се подготвува за патување. Зафатен е до толку што не добивме никаков одговор – рече Павлвоска.
Маја Васева