Поминавме исклучително тешка година и не смееме да се откажеме, посебно не сега, во последните мигови велат здравствените работници како дел од кампањата „Празнувај одговорно“ за подигнување на свеста на граѓаните за почитување на мерките во пресрет на празниците. Во видеото што го објави Министерството за здравство тие порачуваат дека ќе има време за големи журки и за големи забави.
„Да не се опуштаме сега, да избегнеме собири, ќе има други прослави на Нова Година. Сега е важно сите да останеме дома, да не се групираме. Граѓаните новогодишните празници да ги поминат во кругот на најтесното семејство, без да се групираат, за да може наредната Нова Година да има вистински прослави. Да се почитуваат мерките за заштита и превенција, со цел да имаме подобар исход и да излеземе како победници, сите заедно, од сето ова. Сѐ ова ќе помине, ќе дојдат поубави и посреќни моменти“ – се дел од пораките што ги испратија здравствените работници.