Во Основниот суд Скопје 1 Скопје, денеска се одржа првото рочиште за нападот на новинарската екипа на „А1 он“, кој се случи на 28 февруари минатата година за време на протестот „За заедничка Македонија“ кога оштетените Александар Тодески и Владимир Желчески заработија телесни повреди и потрес на мозокот по физичкиот напад кај портата „Македонија“.
Според обвинението што е поведено од страна на Јавното обвинителство, обвинетиот Матеја Каников, заедно со уште едно, засега непознато лице, на 28 февруари минатата година, втор ден од протестот „За заедничка Македонија“, пред самиот крај на демонстрациите, веднаш до триумфалната порта во Центар физички ги нападнал оштетените Тодески и Желчески, кои во тој момент биле наведнати кон земјата и ги снимале испечатените пари со албански знаменитости, кои претходно биле фрлени од страна на демонстрантите.
На самиот почеток на рочиштето обвинетиот Каников пред судот изјави дека не се чувствува виновен за случувањето. Јавното обвинителство го товари Каников за сторено кривично дело насилство од член 386, став 3 и став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот, родител на две деца, 3 и 6 години, веќе бил осудуван за кривично дело во 2005 година за кое побара да не се зема предвид при донесување на одлуката.
Оштетениот Владимир Желчески пред судот изјави дека го препознава обвинетиот Каников од снимките што му биле покажани во полициската станица, каде што се гледало како Каников заедно со непознатото лице по нападот бегаат низ Градскиот трговски центар.
Вториот оштетен во случајот, Александар Тодески, изјави дека непосредно пред нападот, додека ги местел испечатените банкноти, зад грбот слушнал лице што побарало од оштетените да се легитимираат за кој медиум работат. Кога одбиле да го сторат тоа, биле физички нападнати со удари во главата, а кога паднале на земјата, напаѓачите продолжиле да удираат со нозете по главата и по телото на Тодески и Желчески.
– И ден-денес, една година подоцна, кога ќе се сетам на немилиот настан, чувствувам страв и немир – вели оштетениот Желчески по што додаде дека на дел од нападот не се сеќава најдобро поради ударите што ги примил. Целосната присебност му се вратила дури кога со брзатз помош бил пренесен на Ургентниот центар.
Полицијата за време на нападот не била во близина, но и кога дошле полицајците, одбиле да тргнат во потера по напаѓите и покрај тоа што лицата што биле во тој момент таму и се повикани како сведоци им укажале во кој правец се упатиле тие.
Оштетениот снимател Желчески потенцира дека пред да се случи нападот, го забележал тогашниот министер за финансии, Кирил Миновски, по што заедно со Тодески се обидел да земе изјава од него, но тој ги одбил.
По завршувањето на рочиштето, обвинетиот Каников не сакаше да даде никаков коментар за случајот.
Надлежниот судија, Марија Клетничка, следното рочиште за овој случајот го закажа за 25 мај, на кое ќе бидат повикани да сведочат лицата што биле во непосредна близина на немилиот настан, а ќе се разгледува и снимката од ГТЦ, која Обвинителството ја набави како доказ против обвинетиот Каников.
Виктор Јованов