„Македонија има многу пријатели по светот, и Соединетите американски држави и Европската унија, многу други земји, но ние сме тие коишто најмногу треба да и помогнеме на Македонија. Мене ми е драго што нашиот народ, во овој период кога решивме да го отвориме проектот Вистината за Македонија, се сплоти, без разлика на вера, етникум, политичка припадност. Сега сме сите заедно во една голема надеж и исчекување, дека оваа политичка криза, преку преговорите дефинирани во договор, ќе изнајдеме решение пополека државата да си ја вратиме во нормала“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по вчерашните средби со граѓаните на Центар Жупа.
„Денеска во Македонија нема судство. Ако сте прав, тешко правда да добиете, освен ако сте со власта. Ако сте работник, тешко да заработите за достоинствен живот за своето семејство. Ако се борите за демократија, правда, еднаквост, тешко ќе ја дочекате. Во вакви услови Македонија не е достоинствено место за живеење. Тоа се главните причини зошто нашиот народ ни бега надвор од државата. Но, денеска сме исправени, после оваа криза, пополека да ги враќаме институциите во нормала. Да создадеме заедничко катче кадешто сите ќе сме еднакви, каде што ќе обезбедиме достоинствено и квалитетно образование за децата, добро здравство за сите. Чекор по чекор да станеме земја за почит со којашто сите ќе се гордееме.
Овој наш прекрасен крај овде, на територијата на општина Центар Жупа, западниот дел, е еден од најзапоставените краишта. Се сеќавате кога последен пат се отворила фабрика овде? Кога е инвестирано во инфраструктура? Кога можете да кажете дека нешто е направено? Подзаборавено е ова место. А, знаете дека инвестициите, најнеопходни за Центар Жупа се колку еден просечен споменик во Скопје? И кажете ми, дали не е жално? Дали не е жално да доаѓаме по вакви патишта? Дали не е жално да зборуваме дали имаме квалитетна инфраструктура, дали имаме добро здравство, дали образованието на децата е добро? Во 21 век, втора деценија веќе живееме, 2015-та година. Не смееме да дозволиме да продолжиме понатаму како што било досега.
Јас сум тргнал по оваа наша земја, не да фрлам лопати, не да правам популизам, да се видиме со луѓето, да пуштиме една позитивна порака. Јас сум убеден дека власта ќе си замине. 10 години ќе направи Груевски во април. 10 години. Ќе го исправиме нашиот народ пред одлуката, на диктаторот и режимот ќе му дадете уште еден мандат да продолжи да ја уништува Македонија, или не? Сите сме свесни дека тоа нема да се случи“.
„Неговиот крај е јасен, и на Груевски му е јасно како бел ден.
Но, уште еднаш, сите, како родители пред сè, повикуваме што после тоа. Како ќе ја градиме државата? Денеска треба да ги ставиме корењата на тоа што следува после тој 24-ти април. Затоа да подадеме рака на секој од нас. Заедно да се сплотиме и пред сè, државата, пред сè татковината, да ни биде идеја водилка. Сите заедно да се запрашаме што можеме ние да направиме за Македонија.
Овој пат сме убедени, граѓаните ќе донесат вистинска одлука, но таа одлука од денеска треба да ја носиме секој ден. Прво, за доброто на Македонија, со позитивен исчекор за сите нас, да си простиме, да подадеме рака, да и помогнеме на татковината. А на 24ти април јас сум убеден дека Груевски ќе замине. Специјалниот обвинител, што треба да го избереме на 15-ти сепетември, убеден сум дека ќе го избереме. Само со отворање на постапките за кривичните дела, луѓе од власта ќе сносат одговорност за ова злосторство што го направиле. Не може да не се одговара за криминалите што се направени во Македонија“, изјави Зоран Заев.