(ВИДЕО) Заев: Северна Македонија не бара членство веднаш, но бара почеток на преговори со ЕУ

Од:

Северна Македонија не бара веднаш да стане членка на Европската унија, но сака по сите вложени напори да и се овозможи отворање на претпристапните преговори, порача премиерот Зоран Заев денеска во своето обраќање на последниот ден од тридневниот Форум Европа -Вахау, кој се одржа во Гетвајг во Австрија.

Во фокусот на дискусијата на последниот ден од форумот, кој почна завчера, беа перспективите на Западен Балкан во однос на неговата целосна интеграција во Европската унија, при што учесниците, меѓу кои и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, заклучија дека за регионот клучна е веродостојната европска перспектива.

Заев нагласи дека Скопје не гледа никаква алтернатива за полноправното членство во ЕУ.

-Веруваме во Европски вредности можеби повеќе и од некои земји членки. Можеме многу да и дадеме на Европа. Ние сме дел од Европа и ги делиме истите вредности. Мора секогаш да имаме на ум дека Европа е формирана за да биде најмоќна заедница. И затоа Европа мора да ги отвори вратите. Веруваме и очекуваме дека оваа година нашата земја ќе добие датум за почеток на преговорите, истакна Заев во одговор на прашањето што би добила ЕУ со членството на Северна Македонија.

Нагласувајќи дека за земјава нема друга алетрнатива, освен членство во ЕУ Заев пред присутните истакна дека Република Северна Македонија направи низа реформи во правосудството, во јавната администрација, како и во безбедносните служби.

-Преку дијалог најдовме решение после 28 години. Создадовме модел за решение и притоа го зачувавме идентитетот на двете страни. И во моментов ги жнееме ефектите од овој договор. Сите земји членки на Унијата, можеме да ги донесеме бенефитите заедно. Петнаесет години сме земја кандидат за членство во Унијата и време е да го преминеме прагот, посочи Заев и додаде дека дури и земјите земји коишто се двоумеа за можноста да се проширува ЕУ полека го менуваат своето мислење.

Еврокомесарот за проширување, Хан изјави дека заедницата на Европа е можна само со прием на сите земји од Западен Балкан.

На прашањето зошто на ЕУ и е потребен Западен Балкан Хан истакна дека во земјите од Западен Балкан коишто не се членки на Унијата живеат околу 18 милиони луѓе и дека регионот има многу предизвици.

-И бидејќи Европа досега покажа дека може да се соочи со предизвиците, треба да му помогне на Западен Балкан зошто станува збор за регион со голем потенцијал, рече меѓу другото Хан и додаде дека „Европа ќе биде обединета и унифицирана, само ако во неа бидат обединети овие шест земји од Западен Балкан“.

Хан нагласи дека неспоредлив е придонесот на Заев и Северна Македонија за целиот регион на Западен Балкан. – И затоа треба да направиме се, за да и помогнеме не Северна Македонија“, додаде тој.

Според Хан внатрешноевропскиот процес на обнова и процесот на проширување, кои како што појасни ќе траат со години, треба паралелно да се одвиваат. Меѓутоа укажа дека за такво нешто е потребна политичка волја.

Федералната канцеларка на Австрија, Бригите Бирлајн во своето прво јавно обраќање како австриска канцеларка истакна дека само обединета Европа може да се соочи со сите предизввици.

Бирлајн потсети на отворањето на границите пред 30 години и пристапување на Австрија пред 25 години, оценувајќи го тоа како важна историска пресвртница.

Австрија, според неа, ја докажала стабилноста и доследноста во европската политика.

-Европа е пред големи предизвици, кои мора заедно да ги совладаме. Австрија е подготвена да даде свој придонес, додаде Бирлајн.

Јоана Микл Летнер, гувернерка на Долна Австрија, порача дека на регионот треба да му се даде веродостојна европска перспектива.

-На земјите од Западен Балкан треба да им се помогне во нивната обнова, а со државите како што се Северна Македонија и Албанија треба да се почнат претпристапни преговори, нагласи таа.

Мики Лајтнер, некогашна министерка за внатрешни работи на Австрија, изјави дека е неопходно да се понуди веродостојна и конкретна перспектива тие земји да можат да станат членки на Унијата.

Според неа постојат само две можности – регионот да се препушти на Кина, Русија или некој друг или да стане дел од европското семејство на вредности.

-Откако кандидатката ќе ги исполни сите критериуми во однос на владеењето на правото, слободниот пазар и почитување на човековите права, не смее да има одложување и погрешни компромиси, додаде таа.

Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани изјави дека е неопходно заедничко изјаснување за силна и заедничка Европа.

Важна основа за тоа е јакнење на принципот на субсидијарност, заедничка надворешна политика, единствена политика кон мигрантите, како и заеднички буџет и повеќе пари за истражување и иновации.

-Стабилноста на Западен Балкан значи стабилност и на целиот регион, силните политички одлуки ни требаат и за засилување на економијата, заклучи Тајани на затворањето на форумот Европа – Вахау.

Би можело да ве интересира

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Нови промени за сообраќајните казни во ЕУ: Никој веќе нема да може да ги избегне

ЕУ постигна привремена спогодба за нови правила за трговија со огнено оружје

СДСМ: ЕУ е единствен патоказ за подобра македонска иднина

А1он

Европската Комисија ќе обезбеди општи рамковни услови за почеток на преговорите со Украина за пристапување во ЕУ

ЕУ за А1он: Измените на Законот за игри на среќа не упатуваат ниту на ограниченото европското законодавство

Александар Тодески