По повод 20-годишнината од приемот на Струмица во Европската федерација на карневалски градови, градоначалникот Зоран Заев, синоќа во зградата на локалната самоуправа, приреди прием за гостите од карневалските градови на 14 држави во светот, кои во Струмица го одбележуваат 34-от роденден на оваа најголема светска карневалска асоцијација.
По приемот, сите заедно заминаа во центарот за култура „Антон Панов“, каде што пред поголем број присутни, карневалски групи, поддржувачи и почитувачи на струмичкиот карневал, градоначалникот Заев ја отвори изложбата насловена „За 20 години во FECC помеѓу 20 топ улични карневали во светот“.
Тој истакна дека 20-годишнината од приемот на Струмица во Европската асоцијација на карневалски градови е јубилеј вреден за почит, но и јубилеј кој заслужува славенички да коегзистира со 34-от роденден на FECC.
– Велат дека сликата вреди илјада зборови, па токму затоа, во чест на јубилејот, преку фотографиите од оваа изложба правиме ретроспектива за растежот на Струмичкиот карневал, но и за историските мигови и настани кои го одбележуваат членувањето на Струмица во европското карневалско семејството.
– Па сепак, зборовите ќе ни бидат потребни за да се потсетиме на најзначајните случувања во овие изминати 20 години. Се разбира, убавата приказна започнува во шведскиот град Норчепинг во 1994 година, кога се случува историскиот прием на Струмица во FECC. Следната 1995 година, Струмица е назначена за седиште на FECC за Македонија.
– Истата година во Малта, нашиов град се кандидира и ја добива организацијата на 18. Конгрес на FECC. Во 1997 година во Аруба (Холандски Антили) во Средна Америка, Струмица го превзема знамето на FECC како иден организатор на конгресот на Асоцијацијата. Во 1998 година, Струмица станува европска и светска карневалска претстолнина, со успешната улога на град домаќин на 18. Конгрес на FECC.
– Со континуираниот растеж на Струмичкиот карневал следуваат низа меѓународни и домашни потврди за квалитетот на оваа наша многувековна манифестација. Па така, Струмичкиот карневал наоѓа место во топ десетте европски карневали кои Советот на Европа ги препорачува да бидат посетени.
– Списанието „Травел њуз“ го вбројува Струмичкиот карневал во дваесетте топ дестинации во целиот свет каде што се оддржуваат улични карневали. Да се биде меѓу 20- те најдобри светски карневали во годината кога Струмица ја одбележува 20-годишнината од приемот во FECC е нешто кое не прави неизмерно среќни и горди. Годинава, најголемата светска телевизиска мрежа NBC, го најави почетокот на карневалската сезона со зборовите: „Започнува светската карневалска треска од Бразил до Македонија”, притоа емитувајќи фотографии од карневалите во Рио де Женеиро и Струмица.
– Во меѓувреме, струмичкиот карневал на двапати е прогласен за супер бренд на Македонија и на двапати за најдобра туристичка манифестација во државава. Сево ова доволно зборува за големиот влогот на овој град за негување на вистинските традиционални вредности, особено во годините кога Струмица е дел од Асоцијацијата на европските карневалски градови, рече градоначалникот Заев.
Во чест на јубилејот, градоначалникот Заев им врачи медали на карневалските групи и поединци за несебичниот придонес во успешниот развој на струмичкиот карневал. Медал и плакета од Европската федерација на карневалски градови, доби и градоначалникот Зоран Заев за големиот придонес во развојот на струмичкиот карневал и за големата поддршка на оваа карневалска асоцијација.
Овие признанија на градоначалникот му ги врачи претседателот на FECC, Фердинанд Ван Дер Крон, на гала вечерта која што по повод 34-от роденден ја организираше оваа најголема светска карневалска асоцијација.