Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска во Прилеп заедно со кандидатот за градоначалник на Прилеп, Илија Јованоски, почна серија дебати со граѓаните како нов начин на водење на кампањата. На платото пред Градскиот саат во центарот на градот истакна дека почнуваат со општински дебати, како нов и модерен стил на комуникација со цел со граѓаните да се разговара за важни случувања и за прашања кои ги преокупираат.
– Овде сме за да најавиме идна практика на новиот градоначалник во комуникацита со граѓаните за прашања кои ги преокупираат. На граѓаните ќе им ги кажеме нашите ставови за се што е во интерес на граѓаните и за парпективите на Прилеп, па ќе отвориме дебата и ќе одговараме на нивните прашања. Среќен сум што кампањата се одвива насекаде во пријателска атмосфера, граѓаните се многу заинтересирани за локалните избори, и со право, зашто општините се важен сегмент за фунционирањето на семејствата, на секојдневниот живот на граѓаните, истакна Заев.
Според него, централната власт има намера да продолжи со децентрализацијата на власта во повеќе сегменти, а Прилеп, како што рече, по долго време заслужува промени и подобар живот.
– Ќе ги децентрализираме здравствените домови, центрите за социјални работи, капиталните инвестиции во социјалната заштита, во образованието. Се надевам дека граѓаните мудро ќе носат одлуки, а Прилеп, по толку време, заслужува промени и на тој начин ќе ги отвориме перспективите за овој важен регион во Македонија. Прилепчани се подготвени за промените и среќен сум што дебатираме за перспективи. Многу е битно уште сега да ги најавиме идните практики преку кои градоначалникот и советот ќе комуницираат со граѓаните. Заота ја отворивме оваа дебата со граѓаните која ќе биде идна практика на локалната самоуправа, рече Заев.
Претседателот на СДСМ најави повеќе проекти за Прилеп, меѓу кои, рече, важно е да се развива инфраструктурата, да се подобрат условите во социјалната заштита, особено да се решат проблемите за згрижувањето на децата во градинките и училиштата кои се во лоша состојба.
– Императив треба да биде подобрувањето на функционирањето на комуналните претпријатија кои, како и во речиси цела Македонија, се заглавени во долгови, а поради тоа трпат граѓаните. Да се подобрат организациите на пазарите, водоводите, канализациските системи. Централната власт ја води поранешен градоначалник и ги знам сите детали и имам намера да им дадам огромна, сериозна поддршка на Прилеп и на сите општини за граѓаните да го почувствуваат животот во вистинската смисла на зборот, изјави Заев.
Говорејќи за политичкиот опоненти ВМРО-ДПМНЕ, Заев рече дека досега имаа градиначалници во 57 општини, но власта, рече тој, ја злупотребиле за пари.
– Создадоа огромни имоти за сметка на сиромашниот народ. Сега немаат што да понудат и водат негативни кампањи кон нашите кандидати. Но ние се фокусираме на нашите кандидати. Јас имам искуство како градоначалник и знам колку се важни перспективите за граѓаните и општината и сметам дека сега е време за промени кои ќе го донесат животот во Прилеп за сите, рече Заев.
Кандидатот за градоначалник на Прилеп Илија Јованоски рече дека отворената дебата со граѓаните е одлична можност да се дискутира за Прилеп, заедно со премиерот Заев. Посебно за иднината на младите.
– Мора да ја заокружиме победата од 11 декември и на 15 октомври да ја освоиме и локалната власт. За општината имаме многу проекти и тоа најмногу за младите. Ќе направиме: младински културен центар, младински технички центар, спортско-рекреативен центар, младински бизнис-инкубатор. Младите ќе бидат тие кои ќе учествуваат во донесувањето на одлуките, во креирањето на буџетот и во трошењето на парите, транспарентно, одговорно, рече Јованоски.