Претседателот на СДСМ, Зоран Заев ја претстави стратегијата, односно конкретните насоки по кои ќе дејствува опозицијата. Заев кажа дека оваа стратегија почива на четири столба.
-Прво, СДСМ ќе биде постојано со граѓаните. Ова не е кампања. Таму е местото на СДСМ. До граѓаните. Столбот носи наслов „Работиме заедно“. Затоа што интензивно ќе работиме заедно. Тоа ќе биде партнерски однос на слушање на потребите и проблемите и заедничко дефинирање реални и прифатливи решенија.
Овој столб ќе биде коренита промена во однос на тековното функционирање на опозицијата. Над 5 000 тимови ќе бидат во контакт со секое семејство во државата. На луѓето ќе им понудиме шанса да кажат што мислат и тие да влијаат на она што и се случува на Македонија. Во Македонија мора да го вратиме правилото дека навистина `се зависи од граѓаните. И дека задачата на политичарите не е да диктираат, туку да слушаат и да служат, да ги решаваат нивните проблеми, а не своите, рече Заев.
Второ, власта ќе биде ставена под сериозна лупа на СДСМ. Ние и досега откривме бројни корупциски афери, врзани за највисокиот врв на власта, што донесоа до рекорден долг на државата и незапаматена сиромаштија. За вакви случаи, во секоја нормална држава паѓаат влади. Но, Македонија одамна не е тоа. Ова е столб на “Чесна понуда.“ Од овој момент, секое министертство, орган, институција, на централно и на локално ниво ќе бидат следени во секоја одлука што се однесува на животот на граѓаните на Македонија, а лошите и штетни политики ќе бидат корегирани со спротивставување на сериозна, квалитетна, реална и видлива алтернатива.
За таа цел започнуваме со формирање Централен систем на комисии. Тие ќе бидат пандан на владината министерска структура. Над 1 000 стручни екипи, со авторитет и одговорност, на граѓаните ќе им ја приближат визијата за поинаква Македонија: држава на сите и за сите, држава со еднакви шанси, држава на достоинствен животен стандард и посилна економија, го образложи Заев вториот столб од стратегијата на опозицијата.
Третиот и четвртиот столб од Стратегијата се: “Силна СДСМ“ и “Партнерства за демократска Македонија“ на коишто партијата веќе работи.
Ова се клучните елементи на нашата Нова Стратегија.
Ова е прецизна и конкретна стратегија со јасни рокови и точни лоцирана одговорност.
Четирите тима што работеа на Стратегијата, во нејзиното дефинирање се консултираа и со тим експерти кои работеа за нашите сестрински партии. Направени се над 100 поединечни консултации со признати стручњаци во различни области. Направивме SWOT анализи. Ги тестиравме нашите политики и ставови на серија фокус групи, меѓу наши поддржувачи, но и кај неопределените гласачи. Слушавме, се корегиравме.
Новата Стратегија ги зема предвид недемократските услови за политички натпревар во Македонија, што е мислење на над 70% од македонските граѓании и оценка на ОБСЕ/ОДИХР.
Ќе продолжиме да се бориме за враќање на македонската демократија, токму со нашето отсуство од Собранието на Република Македонија.
Изминатите два месеца, зад нас е сериозна внатрепартиска работа.
Toa беше период на оркестрирана, но и очекувана критика на дел од јавноста, којашто бара видлива и активна опозиција. Ја издржавме таа критика. Не `не поколеба да го сториме она што бевме убедени дека е правилно и неопходно. Направивме внимателна и професионална анализа за тоа што и е потребно на Македонија.
Со право граѓаните ја очекуваат и ја бараат СДСМ, рече Заев.